Јустиција – сваровски – куртизана
Звонко Давидовиќ
Девојка со врзани очи, во едната рака меч, а во другата вага. Ретко кој запрашан на Земјината топка нема точно да ви одговори дека се работи за Јустиција, римската божицата на правдата. Очите и се врзани за да ја дели правдата непристрасно, објективно не гледајќи за кого се работи, немајќи милост за никого, вагајќи ја вината на терезијата и казнувајќи го виновникот со двосеклиот меч. Гордо и застрашувачки стои на влезот на скоро секој суд или министерството за правда. Уште од римскиот период ја симболизира основната максима – правдата е темел на државата, власта.
Знаејќи дека правдата и правичноста не се секогаш исто и дека многу често се две сосема различни работи, старите Грци имале две божици, Дика, божица на праведноста и Темида, божица на правдата. Дика како божица на правичноста носела вага и лаворов венец, а Темида ги имала сите обележја на она што ние денес го знаеме и препознаваме во симболот на божицата Јустиција.
Македонија, како напредна европска земја, со завидно ниво на самостојност на судството, со препознатлива правичност и правда, не можеше да си дозволи да заостанува зад имагинацијата на другите соседни држави и нивните историски достигнувања, вклучувајќи ја тука и митологијата, па ја измисли и устоличи Сваровски Јустиција, како симбол на сваровски-судството и правдата. Признавајќи дека правдата и правичноста не се секогаш исто, како симбол на правичноста го поставивме Ќосето пред комплексот на судовите.
Нашата Јустиција носи превез само на едното око, во едната рака има меч со сечиво на едната страна и тап на другата, а во втората рака има вага која натежнува на едната страна бидејќи едниот тас е полн со сваровски-камчиња и партиска книшка. На едната страна на лицето блеска насмевка која плени, а на другата страна на лицето е намуртена со злобен поглед.
Ќосето, пак, како секоја правичност е смртоносен и во својот изглед и поглед. Вооружен е со пушка, револвер и нож, опашан со реденици со куршуми, поднаведнат, спремен веднаш да реагира кога и ако му се нареди од војводата.
Кој е авторот на ваквите наши симболи на правдата и правичноста? Зошто токму тие симболи? Ја отсликуваат ли овие симболи состојбата во нашето правосудство?
Одговорот на првото прашање, колку и да боли и растажува, е повеќе од јасен и очигледен. Сите ние сме автори на ваквите симболи и состојбите во нашето правосудство. Едните, политичките партии и судско-правосудните куртизани активно го создадоа ваквиот симбол и ваквите состојби во правосудството со дејствија кои ги разнебитија темелите на правосудството, кое се градеше со децении, а само имајќи ги на ум своите теснопартиски или широко криминални потреби и цели. Останатите немо гледаа како се урнисуваат и разнебитуваат темелите на правосудството, немо молчеа кога се газеа сите морални и правни норми и кога божицата Јустиција стануваше сѐ повеќе Јустиција сфаровски-куртизана. И токму како куртизана, во вистинска смисла на зборот, нашето правосудство, како жена со сомнителен и низок морал, преку давање на своите услуги на политичките моќници и тајкуните, ја одржуваше својата општествена положба на скапа љубовница. Ќарот го имаа малкумина, а штетата ја трпеа сите несвесни за далекусежните последици.
Од судство во кое народот имаше доверба и кое се доживуваше како правично и го сметаше за нешто свое и добро, судство пред кое се појавуваше барајќи правда и правичност и веруваше и ги почитуваше пресудите на судот како праведно и трајно решен однос или спор, дојдовме во ситуација во која народот повеќе нема никаква доверба во судството, најчесто и не се одлучува по судски пат да ги оствари своите права. А, кога ќе го стори тоа, задолжително се обраќа и на сите институции надвор од нашата држава, особено на меѓународниот суд во Стразбур. Сите анкети, дебати, протести и негодувања не само на експертите, туку пред сѐ на народот се упатени на адресата на правосудството, а пред сѐ на судството како институција во која народот нема доверба. Барањето истакнато на сите протести е суштински повик против судството и е барање за еднаквост пред законот без примена на двојни аршини и селективна правда.
Во изминативе 11 години, сѐ до објавувањето на „бомбите“ и промената на власта, дел од народот, кој беше симпатизер на тогашната партија на власт, знаеше одвреме-навреме преку некои свои гласноговорници да го земе во одбрана судството и состојбите во истото, но без аргументи и јасни ставови, а истото повеќе служеше како одбрана на партијата на власт и политиките што ги спроведува. Но, по промената на власт и неспроведувањето на реформите што беа гласно најавувани и ветени, ситуацијата драстично се измени, па покрај долгогодишните критичари на судството, на истите критики и ставови се приклучи и другиот дел од народот кој до тогаш ја бранеше тогашната власт. Со еден збор, и симпатизерите на сегашната власт и симпатизерите на сегашната опозиција се незадоволни со состојбите во судството и жестоко го критикуваат истото согледувајќи го мизерното ниво на кое се наоѓа.
И покрај огромното незадоволство и огромната недоверба во судството, силните критики на меѓународната јавност и негативните извештаи на меѓународните експерти, не е направен сериозен исчекор за реформа на судството. Наместо сериозен и посветен пристап кон веќе дијагностицираните проблеми во судството со искрена усилба и напор истите да се излекуваат или барем санираат до задоволително ниво негативните состојби, продолжува несериозниот и парцијален пристап кон реформите, ако тоа што се прави може да се нарече реформа. Не е реформа менување на постојниот закон кој не е причина за постојните проблеми и состојби, бидејќи законот и не се применувал туку истиот незаконито се толкувал и приспособувал во неговата примена спрема интересите на политичките моќници и судските куртизани. Впрочем, и меѓународната експертска јавност во извештаите укажа дека имаме сосема задоволителна законска рамка во која можеме да дејствуваме при реформирање на сваровски-судството.
Заложбата за правна држава, за еднаквост на граѓаните пред законот и еднаква примена на истиот за секого не бара во овој миг нужно законски измени од големи размери, бидејќи постојните закони не вршат дискриминација, туку истите не се применувале за секого исто. Потребно е прво да се обезбеди еднаква примена на законот за секого и секаде на територија на Република Македонија, почнувајќи од моќниците во политиката и судството, како пример, и гаранција за вистинска правна држава на дело, а не на збор. Доколку не се расчистат постојните сомневања создадени со таканаречените „бомби“ за носителите на високите државни и јавни функции, нема да можеме да зборуваме за правна држава и заздравување на правниот систем. Уште побитно е да се расчистат сите сомневања што произлегоа од различните извештаи или предмети за работењето на носителите на правосудните функции и тоа без пардон и без исклучок почнувајќи од Судскиот совет и Советот на обвинители, преку Врховниот суд и Јавното обвинителство, па сѐ надолу до основните обвинителства и судови, завршувајќи со Академијата. Со ваквото постапување ќе покажеме дека имаме сили, знаење и капацитети да го заздравиме судството, но побитно од сѐ е да покажеме дека нема недопирливи и дека секој ќе одговара за стореното, без оглед на која позиција или функција во општеството се наоѓа. Секој компромис или замижување пред актуелните состојби не носи напредок, напротив…