Југословенско драмско позориште гостува во МНТ со „Ајнштајновите соништа“

Југословенско драмско позориште (ЈДП) од Белград вечер и утревечер во 20 часот ќе гостува во Македонскиот народен театар со претставата „Ајнштајновите соништа“ според истоимениот роман-бестселер на Ален Лајтман во режија на Слободан Унковски. На матичната сцена во ЈДП претставата премиерно беше изведена во октомври минатата година.

– Тоа не е драма. Нема приказна која е едноставна. Но има други работи кои ги шират видиците во мозокот и ги шират видиците на имагинацијата кај публиката и актерите… ЈДП храбро влезе во проектот. Мислам дека храброста е многу важна за репертоарот на театарот: доколку театарот не е подготвен да излезе од регуларниот репертоар, тогаш на еден начин тој стагнира. Чекорот кон непознатото е секогаш возбудлив за сите – за актерите, за мене, за театарот, и секако, секогаш е ризичен, истакнува режисерот Унковски.

Авторот на романот Лајтман (1948) е американски писател, физичар, основач на Фондацијата „Харпсвел“ и член на Американската академија за науки и уметности. Се едуцирал на „Принстон“ и Калифорнискиот институт за технологија каде и докторирал во областа на теориска физика. Лајтмен има и пет почесни докторати. Работел на „Харвард“ и на Институтутот за технологија во Масачусетс.

Романот „Ајнштајновите соништа“ станал меѓународен бестселер, преведен е на повеќе од 40 јазици и е поставуван на театарските сцени низ светот. „Вашингтон пост“ ја избра за една од најдобрите книги во 2016 година.