ЈП „Комунална хигиена“- Скопје се вклучи во проектот „Лулка-за чиста Матка“

По повод одбележувањето на Светскиот ден на рециклирањето, невладината организација за екологија „4SELECT“ денеска го промовираше  проектот „Лулка-за чиста Матка“, во којшто учествува и ЈП „Комунална хигиена“-Скопје.

Проектот е насочен кон заштита на животната средина во населените места на кањонот Матка и течението на реката Треска. Во рамките на денешниот хепенинг, на оваа локација беше покренат и TrashTag, а најмладите со музички перформанс испратија порака за спас на планетата Земја.

„Со задоволство ја прифативме иницијативата за учество на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје во проектот „Лулка-за чиста Матка“. Нашите екипи веќе започнаа со расчистување на дивите депонии на терен и ќе продолжиме со  спроведување активности за собирање и селектирање на отпадот, со цел да се заштити зелената зона на  споменикот на природата „Кањон Матка“  – изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Абдусамед Шабани.