Јанушев: Џафери и власта да не прават терен за фалсификат

ВМРО-ДПМНЕ го нападна парламентарниот спикер, Талат Џафери поради тоа што одбил да номинира набљудувачи кои ќе го следат референдумскиот процес. Со тоа, според опозицијата, се фрла огромна црна сенка врз декларативните заложби за фер и демократско изјаснување на граѓаните на претстојниот референдум.

„Имено, ДИК согласно закон, испрати барање до Собранието на Република Македонија, да номинира набљудувачи кои ќе го следат референдумот, за што Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ официјално побара од Џафери да номинира набљудувачи. Не треба да се потсетува дека станува збор за едно од најважните прашања за македонскиот народ. Станува збор за гласање на кое фалсификувањето на избирачката волја на Македонскиот народ, ќе значи дефинитивно бришење на идентитетот и вовед во фалсификување на македонската историја, традиција и култура“, вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Од партијата се сомневаат во намерите на власта да организира законско и демократско референдумско изјаснување. Бараат од ДИК на утрешната седница да изврши измена во Правилникот за начинот и постапката за решавање на приговори за референдумот.

„Бараме со измените да се овозможи набљудувачи да присуствуваат при целокупниот процес на референдумското изјаснување, вклучително и сумирањето и утврдувањето на  резултатите. Очекуваме со измените да се даде можност и за пишување на соодветни приговори без ограничувања кои ги има во моментов согласно со член 4 став 3 од истиот Правилникот. Во недела не очекува историски ден. Ден на кој што македонскиот народ ќе одлучува дали ќе се откаже од сопствениот идентитет, од сето наследство за кое што генерации пред нас ги положувале своите животи. Во недела македонскиот народ ќе одлучува дали името Македонија, традицијата, историјата и културата ќе ги остави на идните генерации или со поддршка на договорот на Заев, со еден потег ќе избрише и ќе се откаже од се што е македонско. Поддршката на договорот е поддршка за амнестија и покривање на криминалите на Заев. Поддршката на договорот е поддршка на капитулантската политика и прифаќањето на грчките црвени линии. Никој не му дал право на Заев да се коцка со се што е македонско и да го става како влог македонскиот народ“, посочува Јанушев.