Јанкулоска се сомнева дека гласот во бомбите е нејзин

Со надмудрувања меѓу адвокатскиот тим на Гордана Јанкулоска и судијката Добрила Кацарска стартуваше судењето за случајот „Тенк“, во кој во издвоена постапка ѝ се суди на поранешната министерка за внатрешни работи поради набавката на луксузниот „мерцедес“. Таа уредно се појави во новата зграда на Кривичниот суд, дојде десетина минути пред закажаниот термин и трпеливо чекаше да се завршат техничките процедури за рочиштето да започне.
„Нека ви е живо и здраво детето“, ѝ посака Кацарска. Се договори со Јанкулоска да се прави пауза од час и половина на секои три часа судење за да може таа да замине дома и да му се посвети на новородениот син Петар.
Адвокатот на Јанкулоска, Боро Тасевски, побара одложување на процесот затоа што денеска во Апелацискиот суд ќе се одлучува за другите двајца обвинети во „Тенк“: Никола Груевски и Ѓоко Поповски, поради што претпостави дека списите од предметот се во другиот суд, а побара и прочистување на обвинителниот акт бидејќи сега Јанкулоска е сама во предметот и нема други обвинети во него. Кацарска му одговори дека веднаш по раздвојувањето на постапката за Јанкулоска дала налог за изработка на фотокопии од доказите во случајот, со кои може да се работи додека заврши постапката во Апелација, а за втората забелешка напомена оти единствената измена е што во обвинителниот акт веќе нема „обвинети“, туку „обвинета“ и повеќе нема „тие“, туку „таа“.
„Ако првостепената пресуда биде укината од Апелација, тогаш може да има спојување на постапката. Ако не, тогаш си продолжуваме“, пресече Кацарска.
Тасевски продолжи со забелешките, побара судот да го почитува работното време и рочиштата да траат до 15 часот, затоа што подоцна паѓа концентрацијата, а се зголемуваат и финансиските трошоци на клиентот. Предметот не е притворски, обвинетата е тука, па нема потреба од толкаво брзање, поентираше тој. И тука беше одбиен. Кацарска рече дека доколку, на пример, има испрашување сведоци, рочиштето може да трае и до 22 часот, па и ги подучи адвокатите на Јанкулоска да не трошат од времето и да бидат ефективни за работата побргу да врви.
Забелешките на крајот се одвиваа на автентичноста на осумте видеоснимки што се приложени како доказ за наводната вина на ексминистерката. Тасевски рече дека Јанкулоска не може да ја потврди автентичноста на снимките, затоа што ги слушаат во судски услови, а не им ги даваат во аудиоформа за да можат да ја испитаат нивната автентичност.
„Таа, додека беше на функција, имала стотици и стотици разговори и со растојание од неколку години невозможно е да се присети на нив“, заклучи Тасевски. Тој прашува зошто не им е дозволен пристап и до еден куп други разговори и се посомнева дека приложените како доказ можеби се контаминирани. Нејасно е, вели Тасевски, како е можно вештачењето за нив да го прават фирми блиски до поранешни и актуелни функционери на СДСМ: Димитар Бузлевски и Тале Герамитчиоски, ако се знае политичката нетрпеливост меѓу двете најголеми партии во земјава. Потенцираше дека одбраната воопшто не била известена дека ќе се врши вештачење, па немале можност да донесат свој човек.
Неговата колешка Сања Николиќ побара да види записник од примопредавањето на материјалите што СДСМ ги доставило на специјалното јавно обвинителство, посочувајќи дека во спротивно доаѓа до сомнеж дали тоа навистина се случило.
Додека Тасевски се „бореше“ со Кацарска, во друга судница беше казнет со илјада евра. Имено, тој му е адвокат и на поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Јакимовски, кој е обвинет во случајот ТНТ за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Поради непојавување на рочиштето и непочитување на судот, судијата Огнен Ставрев му ја одреди паричната казна. Поради тоа, ТНТ, во кој меѓу обвинетите се експремиерот Никола Груевски и ексминистерот Миле Јанакиески, беше одложен за 10 септември. Подоцна, Тасевски посочи дека начинот и динамиката на кој се закажуваат рочиштата за предметите што ги води СЈО се комплетно незаконски.
„Има предмети кои по никаква основа немаат приоритет, не се притворски и нема зошто да бидат закажувани толку често, од ден за ден, па дури и стотина рочишта да се закажуваат однапред“, истакна Тасевски.
Нагласи дека на тој начин се оневозможува одбраната да присуствува на сите оние рочишта и на сите оние предмети каде што клиентите изразиле желба да бидат бранети конкретно од него наведувајќи дека, во иста ситуација се и други негови колеги.
„Со ваквото незаконско, според мене, форсирање и незаконска динамика на закажување на овие рочишта се повредува, како правото на одбрана на обвинетите, така и правото на бранителите да ја остваруваат својата функција и да ги бранат своите клиенти, што согласно етичкиот кодекс на адвокатурата мора да го чинат и не смеат да одбијат клиент кој изразил желба да биде бранет од нив“, истакна Тасевски.
Запрашан зошто наместо во одбрана на Трајковски, тој одлучил да присуствува на рочиштето за предметот „Тенк“, одговори дека тоа го сторил по изречно барање на Јанкулоска, која била во многу тешка состојба и не може самата активно многу да учествува и многу време да посвети на својата одбрана. Рече дека ќе поднесе жалба за паричната казна, но ќе ја плати доколку биде одбиена. На крајот напомена дека веќе за денеска се закажани три рочишта за предмети што ги води СЈО, а за кои се дава приоритет. (Г.А.)