Јанкулоска и Јанакиески „ѕвезди“ во бомбите, Ставрески е прислушуван само индиректно

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кои во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ важеа за луѓе од доверба на тогашниот премиер Никола Груевски, се гласовите кои најчесто се слушаат во „бомбите“ што се пуштаат во судница. Нивните разговори јавноста можеше да ги слушне и кога тогашниот опозициски лидер Зоран Заев ги објавуваше прислушуваните разговори.
Цел на Управата за безбедност и контраразузнавање, освен овие двајца поранешни министри бил и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, портпаролот на Јанкулоска, Иво Котевски, и многу други функционери, бизнисмени и новинари.
Како што беше обелоденето уште при објавувањето на бомбите, не биле прислушувани Груевски и директорот на УБК, Сашо Мијалков. Но она што ѝ е помалку познато на јавноста е дека не бил прислушуван и поранешниот министер и вицепремиер Зоран Ставрески.
Двајцата поранешни функционери и во судница се пожалија дека се жртви на прислушувањето и ја спореа автентичноста на бомбите кои се докази во речиси сите случаи на специјалното јавно обвинителство. Тие се обратиле и до народниот правобранител оти не добиле информација од СЈО кога и како биле прислушувани со цел да ги остварат своите права како граѓани.
Според податоците на специјалното јавно обвинителство телефонот на Јанкулоска бил незаконски прислушуван повеќе од 700 денови, а трите телефони на поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески над 800 дена.
Освен нивните телефони, прислушувани биле и тие на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, повеќе од 1.000 дена, на Мендух Тачи – над 1.200 дена и на Муса Џафери. Но нивните разговори не можат да се слушнат во судница бидејќи тие не се обвинети во ниеден случај на специјалното јавно обвинителство.
Од 2008 до 2015 година биле прислушувани 5.827 телефонски броја, а на нив се налепиле уште 14.000 други броеви кои комуницирале со прислушуваните.
Во случајот „Таргет – Тврдина“ на СЈО, кој се води за прислушувањето и уништувањето на опремата, осомничени се 10 лица, меѓу кои Мијалков и клучните сведоци за масовното прислушување Горан Грујевски и Никола Бошкоски. За случајот „Тврдина 2“, Грујевски во отсуство беше осуден на една година и шест месеци затвор, но предметот е вратен на повторно судење кое е закажано за во септември.
(Ф.Ф.С.)