Јанкулоска и Јанакиески велат дека се жртви на прислушувањето

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска по месец и половина од раѓањето на нејзиниот син се врати во судот. Судијата Осман Шабани, за да покаже добра волја во нејзината ситуација, при влегувањето во судницата прво што праша беше како се чувствува Јанкулоска. „Засега е добро“, рече поранешната министерка.
Одбраната вчера побара „бомбите“, односно незаконски прислушуваните разговори, воопшто да не бидат пуштени и ги оспори како валиден доказ.
Поранешната министерка и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески порачаа дека тие се жртви на прислушувањето и побараа да се испита автентичноста на овие докази.
Не можеме да бидеме осудени врз основа на материјали што произлегуваат од грубо кршење на нашите човекови права, порачаа поранешните функционери.
„Да се утврди автентичноста на прислушуваните разговори пред да бидат репродуцирани во судница зашто и на мене и на Миле грубо ни се прекршени човековите права. Би биле доведени во ситуација судот да донесе неправилна одлука од нешто што произлегува од најгрубо кршење на човековите права, со тоа што биле прислушувани нашите разговори со години без судска наредба“, рече Јанкулоска.
Јанакиески рече дека тој и Јанкулоска се обратиле до народниот правобранител оти не добиле од СЈО информација кога и како биле прислушувани и со цел да ги остварат своите права како граѓани на Република Македонија.
Кој прислушувал во Македонија, сè уште не е утврдено во судска постапка. „Свиркачот“ Ѓорѓи Лазаревски, кој со свој колега обезбеди докази за нелегалното прислушување во Македонија, во еден од своите јавни настапи рече дека за него е неразбирливо од која причина во УБК се прислушувале Јанкулоска и Јанакиески, кои важеа за блиски соработници на тогашниот премиер Никола Груевски.
Судот им го одби барањата за автентично толкување на бомбите на адвокатите.
Судијата Осман Шабани, поради мајчинството на Јанкулоска, рече дека судењата за овој случај ќе се одржуваат од 10 до 18 часот со по еден час пауза. Сепак, адвокатите не се задоволни од ова темпо што го наложи судот бидејќи и тие имаат работно време, а и според нив тоа би влијаело негативно на Јанкулоска и на развојот на нејзиното бебе.
На вчерашното рочиште се пуштаа „бомбите“ за овој случај, но јавноста нема да слушне седум од илјадниците прислушувани разговори за овој случај.
Во 15 бомби, кои вчера беа пуштени во судот за изборни нерегуларности во предметот на СЈО, „Титаник“, се слушаа разговори за гласањето во дијаспората, односно како партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ договара дијаспората да се пријави за гласање оти интересот бил многу мал.(Ф.Ф.С.)