Јана Бурческа, поп-пејачка: Дона е најубаво на мајка

Сцената ја замени со домот, елегантните тоалети со фармерки, пеењето со успивањето на новородената ќерка. Поп-пејачката Јана Бурческа (24), препознатлива по убавиот глас и става, ужива во улогата на мајка. Бебето Дона има седум месеци и најубави сини очи. Вели, личи на мажот ѝ и на целата негова фамилија.

Дебито на сцената ѝ беше во 2011 година во „Македонски Идол“. Во брак е со Александар неполна година. Лани беше наш претставник на Евросонг во Киев. Музиката ѝ се врти постојано низ глава, ама ништо не открива за професионалните планови.

Како се чувствуваш во улога на мајка?

– Се чувствувам ново. Навистина не знам како поинаку да опишам. Препородено, можеби. Сѐ е ново и има смисла и насока. Имам мотив, имам 1.000 „затоа“ за 1.000 „зошто“.

Какво бебе е Дона?

– Најубаво на мајка, татина маза, муабетчика, насмеана, ведра, а исто така знае гласно да се бори за своите потреби. Понекогаш смета дека спиењето е залудно потрошено време, но затоа тука сме ние како родители да ѝ помогнеме во справувањето со предизвикот.

Што ти се смени во животот по раѓањето на ќерката?

– Би рекла дека животот ми е сега дозачинет со клучната состојка, а тоа е семејството.

Дали некој ти помага околу Дона?

– Александар, се разбира. Мојата мајка исто така. Една од најголемите лекции што ја научив дури откако станав мајка е тоа што всушност значи мојата мајка. Првпат во нејзина кожа почувствував колку многу таа се вложувала за мене како нејзино дете и колку е голем интензитетот на мајчинската љубов, и општо колку се силни мајчинските емоции.

Дали бебето дојде планирано?

– Дона беше најубавото изненадување кое ни се случило.

На кои важни лекции во животот ќе ја учиш?

– Да биде искрена и отворена. Вистината е најмоќната алатка и најдобриот начин. Ќе ја учиме да се грижи за себе и своето здравје, за своето тело, ум и анимус.

Лани нѐ претставуваше на Евросонг, годинава ја имаше таа привилегија да ги читаш резултатите од македонското жири и телевоутингот. Дали ти се допадна песната на „Ај кју“?

– Песната е одлична и ќе се слуша уште долго време. Верувам дека „Ај кју“ мудро ќе ги искористи контактите стекнати на Евросонг за да создаде уште повеќе добра музика. Тоа е и една од целите на Евровизија — поврзување таленти кои ќе му подарат на светот нови звуци.

Дали ти се допадна победничката песна од Израел?

– Од објавувањето на песната „Toy“ до победата, Нета се држеше до пораката што сакаше да ја пренесе, а тоа беше поддршка за различноста со паралела на минатогодишното мото на Евровизија „Ја славиме различноста“ (Celebrate Diversity). Во секој аспект го оправда својот став. Се издвојуваше од останатите претставници и остана своја.

А чиј стил?

– Франка од Хрватска, стајлингот ѝ беше целосно претопен со настапот. Елени од Кипар, огнена, како и насловот. Минималистичкиот изглед со фраерски патики со силен контраст на Франција, исто така, ми остави голем впечаток.

Какви спомени носиш од Евросонг? Дали пак би пеела?

– Евросонг ме асоцира на безброј прекрасни моменти и многу „прв пат“. Прв пат пред толкава публика, првпат спот, првпат музички ангажман надвор од Македонија, првпат со тим покрај себе, првпат организација од тој калибар и многу други првпат. Имав одлична соработка со македонската делегација, како и со учесниците и делегациите од другите земји. Би ја искористила оваа шанса уште еднаш да им се заблагодарам за сѐ што направија за мене и за тоа што максимално се вложија во проектот. Исто така, низ евровизиското патешествие пронајдов нови делови во себе. Дали пак би пеела? Да! Уште погласно и посамоуверено.

Какви ти се професионалните планови?

– Во последно време музичкиот апетит ми е сѐ поголем и работам на случајот. Толку можам да откријам.

Со кого би пеела во дует?

– Со кралицата на неосоулот – Ерика Баду.

Секогаш си елегантно облечена и своевидно заштитно лице на креаторката Антонија Ристовска. Кој е твојот стил? Правиш разлика приватно и на сцена?

– Соработката со Антонија Ристовска започна во 2012 година и низ времето прерасна во едно прекрасно пријателство. Во нејзината креативност и умешност имам целосна доверба и тоа особено вроди со плод на евровизиската сцена. Се разбира дека правам разлика приватно и на сцена. Приватно сум многу едноставна и сакам минимализам, додека на сцена си дозволувам да бидам и похрабра.

Лејла Сабит     Фото: Борис Грданоски