Јанаки Митровски: Државата да има корист од пушењето марихуана

Потребни се законски решенија за декриминализација на канабисот бидејќи сегашните се контрапродуктивни, вели адвокатот и основачот на здружението „Билка“, Јанаки Митровски. Повод беше вревата што се дигна во јавноста околу девојката која пушеше марихуана на улица и снимката ја сподели на својот фејсбук-профил.

„Конкретно, кој модел ќе треба да се примени кај нас, е прашање на кое треба да се даде одговор по сеопфатна дебата. Сметаме дека не е доволно само компаративно да се применуваат модели од други земји бидејќи секоја си има свои специфики“, вели Митровски.

Нивното здружение „Билка“ се залага за декриминализација на канабисот за лична употреба, со предлог контролата да ја преземат Министерството за здравство, Министерството за земјоделство, а понатаму државата да е супервизор на продажбата на канабис за лична употреба. Според Митровски, бенефитот би бил двоен бидејќи ќе се придонесе за квалитетот на канабисот, а државата ќе има економска корист.

„Се залагаме задолжително законски да се одредат средствата, кои ќе се обезбедат од оданочување на рекреативен канабис, да се користат за бесплатно или субвенционирано лекување со масло од канабис на лицата што боледуваат од болести кои можат да се третираат со канабис, а самите немаат средства да го платат“, објаснува Митровски. Ваквото барање го доставиле до неколку министерства, но досега само Министерството за земјоделство ги удостоило со средба.

Пред една недела се одржа првиот фестивал за поддршка на декриминализацијата на канабисот, „Коноп фест“, на кој имаше многу присутни. Митровски вели дека и покрај доминацијата на младата генерација, поддршка дале голем број на повозрасни лица.

„За жал, постарите генерации се со децении изложени на лажна црна пропаганда, што придонесува до тоа да имаат погрешен, конзервативен став по ова прашање“,вели тој.

Околу провокацијата на девојката која пушеше марихуана на улица и снимката ја сподели на својот фејсбук-профил, од „Билка“ велат дека консумирањето канабис на јавно место претставува прекршок против јавниот ред и мир за кој може да се лиши од слобода. Но Митровски вели дека правно гледано, за конкретното видео, МВР нема право да ја лиши од слобода од едноставна причини што нема доказ дека тоа е канабис.

„Во секоја, па и во прекршочна постапка со минимални количества се прави вештачење за да се утврди дека станува збор за канабис, што не беше случај во конкретниот пример“, вели тој.

„Здружението ’Билка’ се залага за право на избор, особено кога тоа не штети никому. Но морам да напоменам дека ваквиот начин на експонирање кај нас може да биде и е контрапродуктивен. Јас лично не гледам потреба од таков тип експонирање“, вели Митровски.

(А.М)