Јанакиевски: Нашите гласаа како војска уште од сабајле

Со слушање на „бомби” денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи рочиштето по предметот „Титаник” на Специјалното јавно обвинителство за изборни нерегуларности.

Во преку 70 „бомби“ на поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ се слушнаа раговори околу активностите за кампањата за изборите од 2012 година кои ги превземала тогашната партија на власт, а се со цел, како што се слушна, да добијат убедлива победа на изборите.

Во една од „бомбите“ поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески со соговорник договара поставување на билборди во Кавадарци и Прилеп, додека во друга, пак поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска прашува кога Коце Трајановски ќе го пушти патот во населбата Камник за да биде погоден тајмингот. Таа прашува соговорник како стојат во Куманово, а тој и вели дека таму е многу тешко. Јанкуловска во разговорот констатира дека со нивните е потешко да се соработува отколку со другите. Поранешната прва полицајка на соговорникот му бара список со фирми кои, како што рече, се запоседнати од Бајруш.

Во еден од разговорите се слуша  како Јанакиевски говори за носење на автобуси од Италија полни со луѓе за кои калкулираа дека може да донесат околу 300 гласачи во шест автобуси. Јанакиевски на соговорник кого го ословува со „куме“ му рече дека на денот на изборите „нивните“ гласаат како војска уште од сабајле. Во „бомбите“ Јанакиевски го брифираат за излезноста на изборите за кои, во една, му рекоа дека околу 95 проценти од членовите на ВМРО ДПМНЕ излегле да гласаат.

Поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески и Миле Јанакиевски на денот на изборите бараат помош од еден соговорник да им заврши работа во ромското маало во Струмица додека друг, пак, му се жали на Миле дека му дошла финансиска полиција. Јанакиевски дава насока да се јават кај Сеат Кочан да му даде неколку фактури за да ја средат работата со финансиите.

Гордана Јанкуловска и Сашо Мијалков зборат за гласачи Македонци од Албанија кои гласат во Кичево, Ресен и Охрид и дека цела година се тера таа работа.

Во „Титаник“ обвинети се и поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.