Ѕидот на Трамп никогаш нема да биде изграден


Нано Ружин

Луѓето не ги сакаат ѕидовите, особено оние што си играат со судбините на семејствата и народите. Падот на Берлинскиот ѕид, продуктот на Студената војна, кој половина век ги делеше Германците од Источен и Западен Берлин, прерасна во симбол на слободата и на обединувањето на Европа. Меѓутоа, ѕидовите меѓу Северна и Јужна Кореја од 240 км по должина на 38. паралела, оној меѓу Евреите и Палестинците во Бетлеем, како и проектот на Доналд Трамп кон Мексико, се најнепопуларните зданија од кои зависат судбините на милиони несреќни граѓани.

Американскиот проект потекнува од 2000 година, со централизацијата на граничните полициски и безбедносни агенции, а се интензивира со одлуката на Џорџ Буш во 2002, со која се најави изградба на 1.120 км ѕид во вид на двојна метална конструкција. Кога во 2008 година Буш ја напушти Белата куќа, од мегаломанските ветувања беа исполнети само 57 км. Пет години подоцна неговиот наследник Барак Обама, без многу амбиции, истакна дека проектот е речиси завршен, како изговор дека на САД не му е потребен еден автархичен ѕид. Амбициите на кандидатот Доналд Трамп беа многу поголеми. Во текот на изборната кампања од 2016, едно од главните политички ветувања на Трамп беше изградба на ѕидот кон Мексико со слоганот „Стоп за илегална миграција!“ Меѓу 200 и 500 илјади луѓе се обидуваат илегално да влезат во САД. „Ние тоа мораме да го спречиме“, порача Трамп од кампањата во Тексас.

По изборната победа новиот претседател на САД, продолжи со својот „хјубрис проект“. „Ќе изградиме голем ѕид кон Мексико за да се заштитиме од латиноамериканските мигранти“. Трамп им вети на своите гласачи дека ќе изгради еден непропустлив, силен, голем, моќен и убав ѕид. Проектот за контрола на нелегалната миграција е стар неколку децении. Во минатото, повеќе американски претседатели настојуваа да се подигнат бариери, контролни пунктови и ѕидови кон Мексико. На тој начин речиси 1/3 од границата беше затворена со градби подигнати во времето на Клинтон, Буш и Обама. Од 2016 фараонскиот сон на Доналд Трамп беше да ја затвори и блокира целата гранична црта кон Мексико. За таа цел претстави физибилити-студија со осум прототипи на бариери изработени од разни материјали во повеќе висини. Претседателот инсистира на челични бариери, меѓутоа, според владиниот извештај, експертите се сомневаат во издржливоста на сите предложени модели.

Од декември 2018 овој проект стана црна мачка на американскиот блокада на владата. Ѕидот прерасна во метафора на неплатеното и присилно отсуство на 800.000 американски федерални административци. Мнозинството на демократите во Конгресот одбиваат да го изгласат буџетот, во кој администрацијата на Трамп побарува 5,7 милијарди долари за отпочнување на градежните работи околу новиот ѕид. Штом нема договор за финансирање на ѕидот – нема гласање за буџетот. Штом нема буџет следи блокирањето на многубројните административни служби во државата.

Но дали постојат реални шанси за реализација на овој надреалистички сон на Трамп? Објективните анализи покажуваат дека – според онаа арапската – тоа е како да барате „на пладне да биде 14 часот“, и тоа од најмалку три причини. Прво, географијата не е поволна. Ако релјефот се следи низводно по должина на границата на реката Рио Гранде, тој е змијулест со многубројни меандри. Во такви услови, секој градежен потфат е сериозен предизвик. Научените лекции од минатото покажуваат дека градителите се соочени со многубројни непредвидливи ризици. Можно е заради специфичноста на конструкцијата, дел од пограничните американски граѓани да останат од другата страна на бариерата кон мексиканска територија, стегнати помеѓу реалната граница и ѕидот. Во Аризона и Ново Мексико релјефот е многу непогоден заради планините и острите камени грамади. Свесен за овој предизвик, Трамп веќе попушти во барањата. Предложи ѕидот да се скрати за половина, од 3.140 км на 1.600 км.

Втората сериозна пречка за реализација на ѕидот е претераната цена на чинење. На почетокот на мандатот Трамп вети дека изградбата на ѕидот ќе биде на сметка на Мексико и Мексиканците. Набргу сфати дека мексиканските власти немаат намера да соработуваат и се сврти кон домашните извори. Дебатите со неговите политички противници покажаа богата реторика околу реалните проценки на чинење. Најнапред, Трамп предложи буџет во износ меѓу 8 и 12 милијарди долари. Тој износ би се заштедил со искоренувањето на илегалната имиграција во текот на следните 10 години. Од своја страна, Одделот за внатрешна безбедност пресмета дека цената на чинење ќе достигне 21 милијарди долари. Сенаторите на Демократската партија сметаат дека тој потфат ќе чини над 70 милијарди долари. Овој износ е еднаков на чинење на изградба на 18 светски трговски центри, слични на оној од 2013 година. Затоа, предлогот на Трамп не поминува меѓу демократите. Во овој миг демократите од Конгресот одбиваат да се дадат 5,7 милијарди долари за почеток на работите. Впрочем, во цените не се пресметани ниту цените на одржување.

Трет значаен проблем за реализацијата на ѕидот е експропријацијата и национализацијата на теренот. За да се конструира еден ѕид, потребно е теренот да им припаѓа на федералните власти. Според извештајот на Конгресот од 2015, 2/3 од терените низ кои е планирана изградбата на ѕидот, се во приватна сопственост. Експропријацијата на овие терени ќе трае со години. Според тоа, сонот на Трамп за високиот ѕид е тешко изводлив, но тоа не значи дека не би можело нешто да се догради, како што тоа го направија Обама и Буш. Некои бариери ќе бидат подигнати, но тоа е далеку од мегаломанската идеја на Доналд Трамп.

Соочен со „no deal“ на демократите и тежината на непријатното затворање, Трамп предложи компромис. Тој нуди „привремен статус и продолжување на дозволите за работа“ за околу еден милион мигранти кои ризикуваат да бидат исфрлени, како компензација за попустливоста на Конгресот за ѕидот кон Мексико. „Тоа е мојот предлог за да излеземе од ќор-сокакот на буџетската блокада“, порача минатата недела Трамп. Тој предложи и „продолжување на работните дозволи за привремено работење на три години – DACA“, кои претходно ги воведе претседателот Обама, а ги укина Трамп. Од оваа мерка би имале корист 700.000 мигранти кои се самонарекоа „dreamers“ (сонувачи), инаку илегално влезени во САД.

Воедно, Трамп предложи пролонгирање статусот на привремената заштита (TPS) кој овозможува 300.000 мигранти да работата легално иако немаат легален престој. Меѓутоа, дури и пред официјалниот говор на Трамп, шефот на демократското мнозинство во Конгресот, Ненси Пелоси, го отфрли предлогот, бидејки се работело „за обична компилација на повеќе иницијативи кои перетходно биле отфрлени и неприфатливи“. Демократскиот сенатор Чак Шумер смета дека „понудата на заштита во размена за ѕидот не е компромис, туку нов вид заложништво“. За утеха, демократите во Конгресот предлагаат да се издвојат една милијарда долари за безбедносните аспекти на границата но не и на ѕидот.

(Авторот е универзитетски професор)