Ѕвездичката на Франција и срцето на Хрватска
Сашко Ѓ. Димовски
Франција со нова шампионска ѕвездичка, Хрватска со шампионско срце, Русија ликува како успешен домаќин, светот ѝ честита за организацијата на едномесечниот спектакл. Заврши 21. планетарно фудбалско првенство, кое ќе остане запаметено како прво со употреба на ВАР-технологијата. Но ќе остане запаметено и по дебаклот на Германија, по хаосот во репрезентацијата на Аргентина, по актерските перформанси на Нејмар, по размазениот Роналдо, по брзината што ја демонстрира Килијан Мбапе, по „моторот“ во телото на Лука Модриќ, по јапонските навивачи и културата што ја испорачаа, по глупирањата на Марадона, по фијаското на Шпанија, по отсуството на Италија, по отсуството на навивачки пресметки. Аха, да. И по шоуто на хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, која максимално го користеше секој момент за самопромоција – во ложата, за време на церемонијата на врачување на медали за финалистите, во соблекувалните.
Светското првенство во 2018 година како дежа ви на Светското првенство од 1998 година од аспект на освојувачот на трофејот. И сега во Москва и тогаш во Париз, Франција го запоседна тронот. Но тоа не е единственото заедничко во двата освоени трофеја на „триколорите“. Ги обединува и Дидие Дешамп, тогаш капитен, сега селектор. Вклопи одличен мозаик во кој на секоја коцкичка ѝ најде соодветно место, па успехот не изостана. За некого допадлив, за некого не, меѓутоа Французите точно знаеја што сакаат и на кој начин да дојдат до посакуваното. И тоа по две години од загубеното финале од Португалија на ЕП на домашен терен.
Фудбалот признава ситуации во кои целта ги оправдува средствата, а резултатот ја потиснува играта. Така беше во нивниот случај против Австралија, против Перу, да не говориме со ремито без голови со Данска, за елиминацијата на Белгија во полуфиналето, за моментите против Хрватска во финалето. Она што, сепак, е за почит и должно внимание е дека го добивме најмладиот светски првак кој до титулата стигна и со најлош процент на посед на топка (вкупно 48,7 отсто) во последните 50 години.
Неколкумина избраници во составот на Дешамп гостуваа во Скопје пред три години со младата француска репрезентација. Во ремито 2:2 против Македонија играа Кимпембе, Павар, Толисо, во реваншот (1:1) во Ле Ман во 2016 година играа и Лемар и Дембеле. Истите тие од 14 јуни до 15 јули за првпат заиграа на голем турнир во сениорска конкуренција и завршија како што завршија – како прваци. Со оглед на возраста што ја имаат, „триколорите“ имаат предиспозиции за фудбалско владеење и во годините што следуваат.
Слави Франција, но слави и Хрватска. И „коцкестите“ добија величествен пречек во Загреб по историскиот пласман во големото финале. „Мала земја, големо срце“ беше слоганот на нивниот автобус со кој се превезуваа од хотел до стадион и назад на Мундијалот во Русија и во целост го оправдаа. Ги собраа симпатиите како во домашната јавност така и во светската и со право се изборија за епитетот – хит на првенството. Не успеаја до тронот, но отидоа скалило погоре од генерацијата на Бобан, на Шукер, на Јарни, на Просинечки пред две децении.
Предводени од најкорисниот фудбалер на турнирот, Лука Модриќ кој ја држеше средината на теренот со Ракитиќ, со Манџукиќ и Перишиќ како постојани закани по противничките голмани, со полетниот Ребиќ и со Брозовиќ, со одличниот Врсаљко по страничната позиција, со Ловрен и Вида како стоперски тандем, селекторот Златко Далиќ заврши одлична работа. Во функција на задржување на мир и единство во националниот тим повлече потег во првиот момент што го согледа како потенцијална опасност. Од Русија, поради искажана недисциплина, го врати Никола Калиниќ, одлука што воопшто не се одрази на амбициите на Хрватите на кои регионот, континентот и воопшто светот, исто така гледа како на шампиони.
Фудбалот уште еднаш ја истакна своја способност да обединува. Русија се покажа како одличен организатор за што нејзиниот претседател Владимир Путин доби јавна пофалба од неговиот американски колега Доналд Трамп. Фотографиите од Москва, од Париз и од Загреб што имавме можност да ги видиме во неделата упатуваат на таква масовност каква што е незамислива за другите спортови. Најважната споредна работа привлече над три милиони гости во земјата домаќин, што е за повеќе од двојно повеќе од примамливоста што Русите ја имаа за време на зимските олимписки игри во Сочи.
„Мерси“ Франција, браво „ватрени“, „спасиба“ Русија. До наредната фудбалска магија во Катар во 2022 година.