Ѕанакопулос: Постојат политички и технички предуслови за договор

Ерга омнес, уставна ревизија и име од предлозите на Нимиц се темите на преговарачката маса во Њујорк, според министерот без ресор и портпарол на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос, кој смета дека постојат политички и технички предуслови за договор.

Во интервју за грчката телевизија „Скај“, рече дека владата уште пред неколку дена кажала дека името „Илинденска Македонија“ не е повеќе дел од преговорите, а избегна да прогнозира каков би бил исходот од новата рунда разговори.

– Мислам дека постојат можности, постојат доста веројатности, но не можам во никој случај да го предвидам исходот на отворените преговори. Но, сметам дека постојат и политички и технички предуслови за да стигнеме до договор. Меѓутоа, ова зависи, не само од Грција, туку и од поранешната југословенска Република Македонија. Ние имаме поставено два предуслови на маса, ерга омнес и заемно прифатливо сложено име, рече Ѕанакопулос.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, на прашањето за ставот на коалицискиот партнер во владата и лидер на Независни Грци, кој не прифаќа име со терминот Македонија, Ѕанакопулос вели дека позицијата на Каменос е веќе позната.

– Мислам дека треба да го почекаме договорот, доколку дојде, да ги видиме конкретните карактеристики и потоа сите политички сили да заземат став, објасни портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос.