Ѕанакопулос: За Договорот од Преспа постои мнозинство во грчкиот парламент


Грција – Секогаш сметав дека Договорот од Преспа, на балансиран, праведен и корисен начин ги решава прашањата што предизвикуваа сомнежи и поделба меѓу нашата земја и ПЈРМ, вели министерот без ресор на Грција и владин портпарол Димитрис Ѕанакопулос во интервјуто за грчката новинска агенција АНА-МПА и додава дека доставените уставни амандмани, но и последните изјави на македонскиот премиер го потврдуваат овој став, а паралелно ги уриваат аргументите на Нова демократија.

Ѕанакопулос потенцира дека ратификацијата на Договорот од Преспа им служи на интересите на Грција и на поширокиот регион и изрази убедување дека ќе добие мнозинство од грчкиот парламент.

-Врз основа на изразените ставови за ова прашање, јасно е дека Договорот од Преспа собира апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници. И јас сум сигурен дека прогресивните политички сили и прогресивните пратеници независно од разликите што можат да ги имаат со владината политика, нема да ја остават оваа историска можност неискористена, вели Ѕанакопулос и додава дека треба приоритет да бидат интересите на земјата, а не предизборните тактики или партиските стремежи.

Прашан за тоа дали можеби Нова демократија би гласала за протоколот за влез на Македонија во НАТО, портпаролот на грчката влада и министер без ресор вели дека „тоа ќе зависи од обемот на хипокризијата на Мицотакис“.

Во однос на тоа дали евентуалното повлекување на Независни Грци би можело да доведе и до предвремени парламентарни избори, Ѕанакопулос објаснува дека владата ќе го заврши мандатот, бидејќи по излезот од меморандумите, „пред себе има големи политички и институционални предизвици“. Како владини цели ги споменува зголемувањето на минималната плата, завршувањето на уставната ревизија, зајакнувањето на позитивниот тек на економијата, дополнителното намалување на невработеноста, финализирање на дијалогот со црквата, носење мерките за социјална поддршка.

-Да бидете сигурни дека постоечките парламентарни корелации гарантираат дека владата ќе одговори на овие предизвици и ќе ги постигне целите со искористување на четиригодишниот мандат, вели Ѕанакопулос во интервјуто за АНА-МПА. (МИА)