Ѓукановиќ се враќа како претседател на Црна Гора

Поранешниот црногорски претседател и премиер и актуелен лидер на владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС), Мило Ѓукановиќ повторно најави дека не е исклучена можноста на претстојните избори да биде кандидат за претседател на Црна Гора.
– На претстојните претседателски избори ДПС ќе предложи доволно квалитетен кандидат, со кој ќе оствари важна политичка победа и ќе ја зацврсти евроатлантската насока на Црна Гора, изјави Ѓукановиќ во интервју за хрватскиот весник „Вечерњи лист“.

Ѓукановиќ нагласи дека сепак не е исклучено на изборите, што ќе се одржат најверојатно во март следната година, токму тој да биде кандидатот на ДПС за претседател.

Тој оцени дека „своите 25 најдобри години“ од животот ги дал за да се дојде до она што денес се смета за остварување на современа Црна Гора.

– Кога и да биде потребно ќе направам се со цел тоа оставрување да се зачува и унапреди, па затоа никогаш нема да бидам во дилема дали да се ангажирам или не, порача Ѓукановиќ.

Тој досега во неколку наврати ја најавуваше можноста повторно да се кандидира за претседател.

Како што јави МИА, Ѓукановиќ кон крајот на октомври изјави дека „се подготвува да заземе една од највисоките функции во државата“, но ДПС е таа што ќе реши дали тој ќе биде премиер или ќе се кандидира за претседател, а на почетокот на месецот во настап на една трибина ја остави отворена можноста да се кандидира за нов претседателски мандат.

Ѓукановиќ во ноември 2016 година поднесе оставка на функцијата премиер, најавувајќи дека ќе учествува во политиката само како лидерер на ДПС.

Тој беше претседател на Црна Гора од 1998 до 2002 година, а премиер во безмалку целиот преостанат период од 1991 до 2016 година.