Ѓоковиќ ќе го избегне Федерер до финалето на Индијан Велс
Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ по операцијата на лактот повторно се враќа на терен и во Индијан Велс првпат ќе игра на Мастерс турнир по повредата.
Ѓоковиќ е десетти носител на турнирот со пет трофеи и според распоредот ќе биде слободен во првото коло, а во второто го чека еден од квалификантите.
За срскиот тенисер сериозниот предизвик почнува од третото коло, а според ждрепката ќе игра против Кеи Нишикори. Доколку го помине Јапонецот во осминафиналето го очекува дуел со Хуан Мартин дел Потро.
Ако Ѓоковиќ успешно ја помине и оваа фаза, во четвртфиналето ќе се соочи со Марин Чилиќ, а со Александар Зверев би можел да игра во полуфинале.
Против актуелниот прв светски рекет, Рожер Федерер, би играл евентуално во финалето на турнирот.
Ѓоковиќ во моментов тренира на терените на Индијан Велс. Турнирот почнува утре, а финалето е на 18 март.