Штипски лекари ја крепат болницата во Кочани да не се затвори

Доктори од Штип доаѓаат да работат и во болницата во Кочани за да им помагаат на колегите, во спротивно кочанската болница може да се затвори поради недостиг на кадар.

Во болницата има само 25 доктори на 120.000 население од Кочани, Берово, Пехчево, Македонска Каменица, Делчево… За да може да ги опслужи сите, потребни се барем двојно повеќе од сегашните лекари, медицински сестри и болничари.

Д-р Борка Панова, директорка на ЈЗУ Општа болница Кочани, потврди дека ситуацијата е алармантна, но засега успеваат да се снајдат.

– Тешко работиме. Правиме комбинации од доктори на дежурства, на повици. Колегите од Штип веќе почнаа да доаѓаат. Засега нема да затвориме и правиме максимални напори за тоа да не се случи. Ако опстоиме во следните четири до пет години, после ќе биде полесно, бидејќи Министерството за здравство ни одобри девет специјализации. Три од нив се за гинеколози, по една за интернист и за невролог. Откако ќе специјализираат, тие млади доктори ќе се вратат да работат кај нас – вели д-р Панова.

Според неа, во последните 12 години немало ниту еден специјализант од Општата болница во Кочани. Да биле одобрувани, сега ќе имало плус 12 лекари. Наместо тоа, младите што дипломирале медицина веднаш заминувале надвор. И не само тие. Уште две сегашни докторки од Интерно одделение најавиле дека ќе си одат, со што и ова одделение ќе има сериозен проблем со недостиг на кадар.

На крајот на минатиот месец, болницата објави оглас за вработување само за тројца доктори и една медицинска сестра.

Панова вели дека ако се затвори болницата во Кочани, ниту онаа во Штип нема да може да ги лекува сите пациенти од источниот регион. Особено затоа што натаму гравитираат и пациентите од Берово, каде што сега работи само еден интернист и тоа со скратено работно време, од Делчево, каде што од тројца лекари, двајца ќе одат во пензија, како и од Пробиштип, каде што воопшто нема доктор-интернист.

Објектот располага со 120 болнички кревети за интерно, детско, хируршко и невропсихијатриско одделение, гинекологија и акушерство, како и специјалистичка очна амбуланта, кожна, инфективна и ортопедска амбуланта, рендген-дијагностика, физикална медицина и рехабилитација.

Кочанската болница постои уште од 1924 година. Во педесеттите години на минатиот век била регистрирана како Здравствен дом. Во тие речиси 70 година ова е првпат да се спомнува дека болницата е пред затворање оти нема доволно лекари.

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека во текот на 2018 година Кочани ќе биде дел од пилот-проект за спојување општа болница и здравствен дом во една здравствена институција. Со тоа се очекува да се намалат давачките за правни и други заеднички служби, како и да се избегне дуплирањето кадри што не се директно поврзани со здравствените услуги. Министерството за здравство во овој проект ќе ги вклучи и Кавадарци и Гевгелија, каде што ситуацијата е слична како кај Кочани.

( С.С.З)