Шок во модниот свет: Раф Симонс го напушти „Келвин Клајн“

САД– Помалку од две години откако го разниша модниот свет во Њујорк, со впечатливата прва ревија за „Келвин Клајн“, дизајнерот Раф Симонс ја напушта компанијата.

Компанијата и белгискиот дизајнер објавија дека донеле заемна одлука да се разделат откако „Келвин Клајн“ се одлучи за нова насока на брендот, која е различна од креативната визија на Симонс. Претставникот на Симонс преку имејл извести дека дизајнерот нема да има дополнителни коментари.

Симонс го ревитализираше „Келвин Клајн“ со својот модерен европски сензибилитет откако беше назначен за главен креативен директор во 2016 година. Неговите шоуа на њујоршките модни недели беа најкоментирани во индустријата почнувајќи од неговото деби во февруари 2017 година, кое имаше јасна политичка порака, отворајќи и затворајќи го шоуто со песната „Ова не е Америка“ на Дејвид Боуви.

Познати личности се собираа на неговите ревии, критичарите го фалеа, а модната индустрија го награди со три главни награди во рок од две години. Тој ја освои наградата на Советот на модните дизајнери на Америка за женска облека во 2017 и 2018 година, а во редок подвиг ја освои и наградата за машка облека во 2017 година.

Но пофалбите на критичарите не секогаш значат и комерцијален успех. Наводно, имало разочарување кај дел од ПВХ, корпорацијата која е сопственик на „Келвин Клајн“, од продажбата на производи, под раководство на Симонс.

Педесетгодишниот Симонс, кој претходно работел во „Диор“ и „Жил Сандер“, донесе уметнички европски пристап кон легендарниот американски бренд, често цитирајќи многубројни културни референции како инспирација, меѓу кои најзастапен бил Холивуд. Минатиот септември, неговата модна ревија беше во стилот на филмот „Ајкули“, со модели во разни видови костими за нуркање што шетаат пред огромните екрани кои прикажуваат океан.
Многу од модните парчиња имаа големи одгризени делови на нив – како кај напади од ајкули. Симон рече дека ајкулата претставува опасност.

„Многу често сме привлечени од работите што всушност знаеме дека се опасни“, рече тој во едно интервју. „Но, не можеме да се држиме подалеку од нив“.

Некои од моделите носеа капи и престилки; Симонс, исто така, беше инспириран и од филмот „Дипломец“.

На неговото шоу во февруари минатата година, Симонс ја обликуваше зградата на поранешната американска берза во центарот на Менхетен со пуканки. Гостите се туркаа меѓу семките за да стигнат до нивните седишта, со делови од пуканки кои им паѓаа во чизмите и чевлите и им ја прекриваа облеката со прав.

Тоа беше верзијата на Симонс на еден американски пејзаж вклучувајќи и голема штала. Но облеката не алудираше многу на рурална Америка како што на дистописки свет од друга планета, со маски, огромни ракавици и делови од полиестер кои излегувале од облеката.

Како што беше карактеристично, на таа ревија присуствуваа и многубројни познати личности, меѓу кои Никол Кидман, Марго Роби, Лора Дерн и – директно од премиерна забава – актерската екипа на „Црн Пантер“, вклучувајќи ги и Мајкл Б. Џордан, Лупита Нјонго и Чедвик Боузман.

„Калвин Клајн“ нема да се појави за време на Модната недела во Њујорк во февруари 2019 година. Сè уште не се спомнува кој ќе биде наследник.

Симонс, исто така, има своја линија на машка облека.