Шилегов: Тендерите на ЈСП се законски

Постапката за избор на двете фирми што се регистрирани на исто седиште и се јавиле на тендерите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ е законита, смета градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Темата за тендерите вчера на седница на Советот на Градот ја отвори советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Попова, која го праша Шилегов како може фирми регистрирани на иста домашна адреса во рок од еден месец да добијат два тендера од ЈСП во висина од 200.000 евра. За советничката Попова дискутабилно е како една од фирмите формирана еден месец порано дознала и го добила тендерот за дополнителна набавка на електронски картички и како втората фирма, формирана седум дена пред објавата на тендерот за консултантски услуги, го добила тој тендер.

За Шилегов постапка е во согласност со законот бидејќи фирмите ги исполнувале условите за да учествуваат во постапките, а воедно ги дале и најевтините понуди.

„На тендерот за консултантски услуги се пријави само една фирма, а со законските измени дозволено е на тендер да учествува една фирма, нешто со што јас лично не се согласувам бидејќи сметам дека треба да има натпревар. Претходниот тендер за консултантски услуги го добил козметички салон, депилаторка пишувала консултантски услуги. Ве охрабрувам ако сметате дека има криминални дејствија да пријавите, јас ќе дојдам со вас во Јавното обвинителство“, рече Шилегов. (С.Н.)