Шилегов со ребалансот на вработените ќе им даде К-15


Ребалансот на буџетот на Градот Скопје ќе обезбеди пари за К-15, кој годинава ќе го добијат сите вработени во градската администрација и во Противпожарната бригада. Вака градоначалникот Петре Шилегов им одговори на забелешките на опозициските советници за пренамената на пари во ставката за плати во ребалансот на градската каса.

„Сите вработени, вклучувајќи ги и пожарникарите, ќе добијат К-15 во висина од 14.200 денари. Овој надомест на вработените им бил исплатен само минатата година, а годините пред тоа мојот претходник го укинал, иако според законот морал да биде исплатуван. Поради тоа, сега се соочувам со над 1.000 тужби од вработените“, рече Шилегов.

Опозицијата во Советот го обвини Шилегов дека на секоја седница расправаат за точки во кои се предвидуваат нови вработувања и дека не е оправдано да се предвидуваат средства за исполнување партиски ветувања, а да се кратат парите за капиталните проекти, како и за заштита на животната средина.

„На граѓаните им ветивте чист воздух, буџетот не треба да биде на нивна штета, а во корист на вработувања“, посочи советничката на ВМРО ДПМНЕ, Ирена Попова.

Шилегов, пак, посочи дека со ребалансот се предвидуваат повеќе средства за зазеленување, за расчистување диви депонии, за зелени покриви, а со фактот дека се формира акционерско друштво за енергетски дејности се потврдува дека токму чистиот воздух е приоритет во неговата работа.