Шилегов: Повеќе не даваме пари за барокни фасади, забавата заврши

Градските власти и официјално, на хартија, прекинаа со активностите за нови речиси 100 стилски фасади низ центарот на Скопје. Советот на Град Скопје ги поништи одлуките за програмите за рефасадирање на десетици објекти, проект што го почна претходната градска власт кој требаше да се реализира годинава.

„Град Скопје повеќе нема да дава пари за барокни фасади од проектот ‘Скопје 2014’. Забавата заврши. Само за шест фасади биле дадени околу 556.847.912 денари“, истакна меѓу другото градоначалникот Петре Шилегов на денешната седница на Совет на Град Скопје, чие мнозинство одлучи да се прекинат сите активности за нови фасади. Очекувано, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ гласаше против таквата одлука. Иако праша, не доби конкретен одговор дали и какви импликации Град Скопје ќе има со поништувањето на програмите, со оглед на тоа дека генерално Градот имал потпишано договори со изведувачите.

Со оваа одлука и официјално се стопира изградбата на 95 фасади кои годинава требаше да добијат нов барокен лик за да се вклопат во амбиентот на „Скопје 2014“ во центарот на градот. Неодамна, Шилегов за Сакамдакажам.мк изјави дека меѓу стопираните објекти се и фасадата на зградата на „Пелагонија“ и онаа на ТЦ „Палома Бјанка“, кај кои градежните работи веќе биле започнати.

„Дадов усна наредба да се стопираат сите фасади. Станува збор за 95 објекти. За оваа намена биле предвидени околу 90 милиони денари, пари од граѓаните што ќе бидат заштедени“, истакна Шилегов. Тој посочи дека парите за барокните фасади низ Скопје ќе се пренаменат за реконструкција на фасадите на средните училишта во Скопје.

Градските власти планираат по завршување на учебната година да стартуваат со поставување на енергетски ефикасни фасади на средните училишта. Од март, пак, предвидено е да почне реконструкција и зазеленување на школските дворови. За оваа намена во буџетот на Градот за 2018 година се предвидени околу 1,5 милион евра. (Д.Т.Д.)