Шилегов: Паркирањето не е социјална категорија

 

Не само скопјани, туку и градоначалникот Петре Шилегов не е задоволен од начинот како се решава паркирањето во Скопје. Катни гаражи стопанисувани од неколку субјекти, приватни паркиралишта кои наплаќаат незаконски, две јавни претпријатија, две пајак служби, паркиралишта со зонско паркирање кои се наоѓаат на општинска улица а со кои стопанисува градското претпријатие за паркирање, се само дел од, како што смета Шилегов, наследените небулозни решенија во системот за паркирање. Вели бара решение за средување на хаосот, кое гледано долгорочно ќе биде исплатливо за сите. Преклопување на зонските паркиралишта во Дебар Маало е само еден од секојдневните проблеми со кои се соочуваат Град Скопје, односно ЈП „Градски паркинг“ и „Паркиралишта на Општина Центар“.

„Во Скопје мора да има еден единствен концепт за паркирање, една политика  за сите субјекти, доколку не може да функционира еден субјект. На пример имаме катни гаражи со кои стопанисуваат станбеното претпријатие, ‘Градски паркинг‘ и ‘ПОЦ‘. Секој од нив си тера своја политика, што според мене е недопустливо. Интензивно размислуваме како да го решиме проблемот, ги усогласуваме политиките. Но, притоа едно е сигурно. Паркирањето треба да станува се поскапо“, смета Шилегов. Тој не ја исклучува можноста Град Скопје да ги побара под свое ингеренциите за сите катни гаражи, или пак како едно да функционираат двете претпријатија за паркирање.Сепак, вели, како впрочем за сите прашања, односно наследени проблеми, размислува полека, издржано, за да гледано на долгорочен план се добијат позитивни и ефектни резултати како за Град Скопје, така и за граѓаните.

„Очекувам до крајот на годинава да почне да се применува една политика за сите субјекти, во случај на пример да не најдеме согласност за функционирање на само еден субјект. Верувам дека граѓаните ќе бидат задоволни, а во меѓувреме ќе разберат дека паркирањето не е социјална категорија“, вели Шилегов.  До оваа ситуација довела, како што смета, можноста што ја нудат постоечките законски решенија и соодветни правилници како на пример одредбата дека секоја општина смее да формира јавно претпријатие за паркирање. До сега, таа можност ја има искористено само Општина Центар. Токму со „ПОЦ“, „Градски паркинг“ има чести недоразбирања околу на пример паркиралиштата во Дебар Маало.

Деспина Трајковска-Димова