Шилегов ги избрка античките воини и партизаните од плоштад

Воини, партизани, комити повеќе нема да шетаат низ центарот на Скопје. Градоначалникот Петре Шилегов одлучи да ја укине т.н. туристичка стража која во 2012 година беше промовирана како дел од кампањата за туристички развој на градот.

„Мислам дека немаше ни здраворазумски човек кому таа т.н. туристичка стража не му служеше за потсмев. Скопје не е град за потсмев. Скопје е град кој треба да биде респектабилен, град да остава убави спомени, а не спомени за потсмев. Од тие причи дел од таквото лудило во градов повеќе нема да има“, изјави денеска Шилегов.

„Туристичка стража“, облечена во комитска и партизанска облека, шеташе во центарот на Скопје, ги анимираше туристите и даваше информации за градот. Проектот беше дело на Град Скопје и ДКЦ „Карпош“, наменет за промоција на централното градско подрачје пред туристите.

Претходната градска гарнитура се одлучи на ваков чекор оти сметаше дека значително е зголемен бројот на домашни и на странски туристи што го посетуваат Скопје и се интересираат за културно-историските споменици во центарот на градот.

Стражата ја сочинуваа осум млади лица, претходно обучени, облечени во воини, комити, партизани…Проектот се реалиизраше сезонски, од мај до ноември во попладневните часови. (Д.Т.Д.)