Шекеринска: На 30 септември имаме шанса да ја направиме Македонија безбедна и стабилна

На 30 септември имаме шанса да обезбедиме Македонија да биде безбедна и стабилна држава, да не се грижиме за тоа дали ќе не биде, дали ќе ги зачуваме истите граници, а во исто време и да и гарантираме на нашата земја повеќе пари за патишта, локална инфраструктура, подобро образование и здравство, порача денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска од Свети Николе.

Пред граѓаните, Шекеринска истакна дека вратите за нашата држава се отворени и оти граѓаните се оние кои ќе ја донесат одлуката во недела.

– Успеавме да ја отвориме вратата за Македонија, но дали ќе го преминеме прагот, дали ќе ги добиеме тие средства, дали ќе ги добиеме тие шанси зависи од граѓаните на нашата земја. Затоа повикот ми е до сите граѓани на Република Македонија, да го искористат своето право на глас, затоа што одлуката на 30 септември ќе ја донесат оние кои ќе излезат да гласаат, рече Шекеринска.

Додаде дека референдумот е важен за да им се обезбедат привилегии на младите исти како оние што ги имаат младите во земјите-членки на НАТО и ЕУ, да се обезбедат европските средства и фондови за државата и за општините.

Шекеринска посочи дека Владата ќе го почитува мислењето на мнозинството граѓани кои ќе го искористат своето граѓанско право.

– Сметаме дека на тој начин Македонија ќе стане и подемократска, но она што е најважно подобра, побогата земја којашто ќе создава шанси за своите млади, нагласи Шекеринска при денешната посета на Свети Николе.