Шекеринска во Пентагон: Потврдено стратегиското партнерство со САД

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Пентагон имаше средба со американскиот државен секретар за одбрана Патрик Шанахан, на која е потврдено стратегиско партнерство на САД со нашата земја. Шекеринска и Шанахан се согласиле за продлабочување на соработката во одбраната и за нејзино подигнување на повисоко ниво какво што доликува на сојузници во НАТО.
– Продолжуваме заедно, со заедничко учество во мировните мисии и со уште поблиска соработка во реформските процеси и во модернизацијата на Армијата – било заклучено на средбата. Првиот човек на одбраната на САД упатил честитки за успешното решавање на спорот со Грција и потенцирал дека тоа претставува модел за решавање спорови меѓу две држави, кои долго време изгледале нерешливи.
Ова е трета билатерална средба на министерката Шекеринска со американски секретар за одбрана, за помалку од една година. Минатата пролет министерката беше во официјална посета на својот американски колега Џејмс Матис, кој ја возврати посетата и допатува во Скопје во септември 2018 година. Со неговиот наследник Шанахан, министерката Шекеринска се сретна и во Брисел на состанокот на Северноатлантскиот совет, каде што тој го поздрави потпишувањето на Протоколот за членство на нашата земја во НАТО и оддаде признание на министерката за нејзиното, како што рече „инспиративно лидерство“.
Во Вашингтон министерката Шекеринска имала средби и со сенаторката Џин Шахин и со сенаторот Рон Џонсон. Шекеринска од нив побарала поддршка за побрза ратификација на Протоколот за членство во НАТО.
Вториот ден од работната посета на САД министерката Шекеринска го заврши со средба со директорот на Агенцијата за одбранбено разузнавање (DIA), генерал-потполковник Роберт Ашли, на која се разговарало за безбедносната состојба на Балканот и пошироко, како и за позитивниот ефект што ќе го има нашето членство во НАТО врз безбедноста во регионот.