Шампањско, ружи и снег: Викторија Лоба го промовира првиот студиски албум

Надвор со снег, а внатре, на топло, во хотелот „Парк“  со опоен мирис од ружи и шампањско „ Moët & Chandon “ со јагоди, и многу гости од поп-естрадата, поп-пејачката со ангелска убавина Викторија Лоба синоќа го промовираше првиот студиски албум „Нов свет““, и тоа во две изданија – македонска и англиска верзија.

Во романтичниот амбиент, гостите уживаа во  дип хаус музиката со која не изненади Лоба и која одамна не сме ја слушнале во македонскиот етер.

Албумот е сниман во M-Sol Records Studio, Just RB Studio и студио Јованови. Музички продуценти се Марга Сол и Роберт Билбилов кои синоќа и посакаа многу успех на Викторија, а таа пак на гостите им се обрати со зборовите дека албумот е подарок за фановите, полн со многу емоции, љубов и енергија.

Досега од македонскиот албумот се издадени песните „Опиум“, „Херој“,  ремикс од „9 работи“, како и интересни соработки со познатите Роберт Билбилов и Тајзи , дуетите „Ти си виновна“ и „Каде сме ние“. Англиската верзија, пак,   е целосно изненадување за македонскиот пазар.

Албумите ќе бидат достапни worldwide преку сите дигитални и стриминг сервиси. На онлајн продавницата на македонската издавачка куќа M-Sol Records (www.m-solrecords.com) албумите ќе можат да се купуваат дигитално и на механичко ЦД, со достава низ Македонија.  (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски