Чупиќ: Дојдовме во Келн за пак да бидеме шампиони

Ако лани играше за историја на македонскиот машки ракомет како прва екипа што успеала до престижниот трофеј во Лигата на шампиони, оваа година ќе игра за историја на елитното натпреварување на Европската федерација како прва екипа што успеала да го одбрани тронот. Вардар утре попладне (сабота, 18 часот) ќе игра против Монпелје во второто полуфинале на Фајналфор турнирот во Келн, откако претходно (15:15 часот) во „Ланксес арена“ ќе се судрат Нант на Кире Лазаров и ПСЖ.

„Минатата година бевме изненадување за сите, што нема да биде случај овој пат бидејќи противниците се претпазливи во врска со нашите можности. Амбициите ни беа да го освоиме првото или второто место во групата во што и успеавме. Завршивме како лидери што ни донесе и повеќе време за подготовки за четврт-финалето и за фајналфор турнирот во СЕХА лигата“, вели хрватскиот репрезентативец во „црвено-црниот“ дрес, Иван Чупиќ, кој би можел да влезе во аналите на европскиот ракомет со три последователни триумфи во ЛШ по освоениот трофеј со Кјелце во 2016 година.

Вардар по вторпат во низа е дел од ракометниот спектакл во Келн. Откако ја почувствува сласта на славата во овој период од минатата година, ракометарите на Раул Гонзалез се гладни за нови победнички моменти. Желбата за опстанок на континенталниот клупски трон ја црпат од најавената разделба по завршување на сезоната.

„Француските екипи доминираат во Лигата на шампиони во оваа сезона, особено ПСЖ. Нашиот фокус, сепак, е на Монпелје, чии играчи се заедно во изминатите две-три години, вклучувајќи го и нивниот тренер. Ќе биде тежок меч. Ова е шанса за мене да се впишам во историјата како играч со три титули во Лигата на шампиони во низа. Но, тимот за мене, сепак, е над сè. Ќе се чувствувам одлично ако Вардар успее повторно да победи во низа, во што не успеала ниту една друга екипа досега“, коментира крилото на „коцкестите“.

 

Чупиќ: Вардар има генерација играчи што може да освои сè

 

Утрешниот настап против Монпелје и неделниот за трето место или во финале ќе бидат последни за овој состав на вардарци. Најголем дел од играчите ќе заминат од Скопје ова лето заедно со тренерот Раул Гонзалез, па оттука и решителноста да се ракуваат и да кажат збогум како европски прваци.

„Неколку години играме во речиси непроменет состав и под водство на Раул. Одлично се познаваме и одлично функционираме и на терен и надвор од него. Вардар има генерација ракометари што може да освои сè и сите силно посакуваме нов успех. Дојдовме во Келн за повторно да го подигнеме шампионскиот пехар и да бидеме првиот тим што успеал да ја одбрани титулата и на крајот на краиштата да се разделиме како шампиони“, заклучи Чупиќ.

 

Штербик во идеалниот состав на сезоната

 

Арпад Штербик се најде во идеалниот состав во Лигата на шампиони за оваа сезона. Вардаровиот голман имаше блескави моменти меѓу стативите и со својот перформанс се покажа како решавачки, пресуден фактор во мечевите од групната фаза. Покрај него, во ол-стар тимот се најдоа тројца соиграчи од ПСЖ (Лука Карабатиќ – најдобар дефанзивец, Уве Генсхајмер – најдобро лево крило и Сандер Сагосен – најдобар лев бек), двајца од Нант (Давид Балагер – најдобро десно крило и Роман Лагар – најдобар млад ракометар) и по еден од Барселона (Дика Мем – најдобар десен бек) и од Скјерн (Бјарте Мирхол – најдобар кружен напаѓач). Најмногу гласови во изборот за тренер на екипата на сите ѕвезди доби Патрик Канаје, кормиларот на Монпелје.

 

Сатница: Лига на шампиони (м)

Фајналфор турнир во Келн

Полуфинале

Нант – ПСЖ (сабота, 15:15 часот)

Монпелје – Вардар (сабота, 18 ч.)

Меч за трето место – недела, 15:15 ч.

Финале – недела, 18 ч.