Честитка од американскиот амбасадор Бејли за чистата препорака за почеток на преговорите со ЕУ

Американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли и честита на Република Македонија за добивањето на чиста препорака за почеток на преговорите со ЕУ.

Одговарајќи на новинарско прашање за позитивната препорака од ЕК за Македонија на Саемот за високо образование во САД, амбасадорот Бејли потсети дека веќе ја честитал препораката на Твитер и дека САД ја поддржуваат интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО.

– Работиме со делегацијата на ЕУ во Македонија на реформиските процеси и ќе продолжиме да го правиме тоа, на реформите за владеењето на правото, за медиумите и за јавната администрација. Заеднички работиме на евроатлантските интеграции на Македонија, изјави Бејли.

Посочи дека тоа може да го видиме и од изјавата на Стејт департментот, денеска за МИА, во која дава поддршка за евроатлантската иднина на земјата.

– Ова е важно. Денеска бев на собраниската седница на која се обрати високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, која рече дека ова е долг процес и бара многу работа, фокусираност и единство. Верувам дека може да ја донесе иднината што мнозинството граѓани ја сакаат и САД ги поддржуваат, изјави Бејли.

###