„Чајна Енерџи“ најави учество во проекти во Македонија

Премиерот Зоран Заев и владиниот економски тим денеска во Будимпешта оствариле средба со Динг Јанжан, потпретседател на Бордот на директори на „Чајна Енерџи“ и со други претставници на менаџментот на компанијата.

– Од компанијата која има отворено свое претставништво во Скопје истакнаа дека се создадени услови за инвестициски циклус во секторите енергетика и транспорт. Компанијата ги следи активностите на новата влада и најави учество на пет проекти во претстојниот период. Премиерот Заев ги охрабри да учествуваат во постапките кои следуваат во претстојниот период, посебно за проекти од областа на инфраструктурата и енергетиката, соопшти владината прес-служба.

На средбата се разговарало и за новите владини економски политики за економски раст и привлекување нови инвестиции за кои, како што е наведено во соопштението, претставниците на кинеската компанија покажале сериозен интерес.

– На самиот крај од состанокот беше констатирано дека постојат добри основи за плодна соработка во иднина, информира прес-службата на Владата.