Чаусидис: Бараме пристојни услови за работа и пристојна плата

Бараме пристојни услови за работа и пристојна плата, порача денеска претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Тамара Чаусидис пред почетокот на Првомајскиот протест.

– Изминативе неколку години дел од синдикатите не се согласија да молчат. Беа на улица, денеска се повторно на улица. Добивме многу ветувања, но ситуацијата не се подобрува, истакна Чаусидис, додека учесниците на протестниот марш полека се собираа пред скопскиот плоштад „Карпошово востание“.

На протестот што го организира ССНМ се придружија и Синдикатот на културата на Република Македонија, Синдикатот на македонската дипломатска служба, како и Независниот академски синдикат.

Од Синдикатот на културата порачаа дека во културните институции се случува административен хаос, додека Независниот академски синдикат побара да прекине праксата на ниско финансирање на високото образование и научно-истражувачката дејност.

Протестниот марш на ССНМ почна од плоштадот „Карпошово востание“ и преку Камениот мост продолжи до Собранието на Република Македонија.

Учесниците на протестниот марш на ССНМ пред Собранието на РМ се пресретнаа со учениците на протестниот марш на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Како што е најавено, маршот од Собранието ќе продолжи во Владата.