Црна Гора има 64 милионери кои не плаќаат данок на богатството

Црна Гора има 64 милионери, но тие не плаќаат данок на своето богатство. Голем број иницијативи до Владата да воведе дополнителен данок на луксуз останаа без одговор.

Претставници на невладиниот сектор реагираат што граѓаните плаќаат такси за гориво, струја или цигари, а нема волја да се оданочат енормно богатите.

Најбогатиот Црногорец на својата банкарска сметка има 63,3 милиони евра.

Во Црна Гора има вкупно 64 граѓани кои на своите сметки имаат депозити во износ од над милион евра. Тие кои најмногу имаат и покрај барањата на јавноста не плаќаат данок на екстра профит.

– Не постојат причини за некое дополнително оданочување на пари кои се остварени од оданочени приходи. Имотот не се оданочува двапати, но се одзема доколку е нелегално стекнат, наведува Министерството за финансии како одговор на прашањето на Радио телевизија Црна Гора дали државата ќе ги оданочува милионерите.