Ципрас: Традиционалната новогодишна пита во грчкото МНР задоцни поради Договорот од Преспа

Со оправдано задоцнување, како што истакна грчкиот премиер, токму поради обврските што произлегоа од “еден од најважните и историски договори”, во Министерството за надворешни работи на Грција, денеска беше пресечена и поделена традиционалната новогодишна пита.

На присутните во грчкото МНР им се обрати Алексис Ципрас, кој се заблагодари меѓу другото и за “придонесот за историскиот Договор од Преспа” и рече дека е оправдано што новогодишната пита се дели на крајот на февруари.

-Сепак никој нема поплаки бидејќи работата што ја направи Министерството за надворешни работи во изминатиот период и многу важниот придонес за улогата на татковината на меѓународно поле, го оправдува ова мало задоцнување, бидејќи не можевме да делиме пити во моментот кога беше во тек еден од најважните и историски договори кои ќе ја означат надворешната политика на земјата и веќе ја имаат надградено улогата на нашата надворешна политика, рече грчкиот премиер во кусото обраќање во грчкото МНР, пренесе МИА.

Во присуство на шефот на дипломатијата, Јоргос Катругалос, неговите заменици, Маркос Боларис и Теренс Куик, алтернативната министерка Сиа Анагностопулу, како и дипломати и вработените во Министерството за надворешни работи, но и новинарите, грчкиот премиерот Алексис Ципрас, ја пресече и подели новогодишната пита со паричка. Среќникот, кој ќе добие три слободни денови, беше советникот за надворешна политика на Ципрас, Евангелос Калпадакис.