Ципрас и Каменос со различни ставови за вчерашниот протест во Атина

Мнозинството грчки граѓани, кои протестот го следеа преку телевизиските екрани, сметаат дека важните прашања од надворешната политика не треба да се соочуваат со фанатизам и нетолеранција, велат од кабинетот на грчкиот премиер во однос на вчерашниот собир во Атина.

Протестот собра илјадници граѓани, но не и милиони, како што „замислувале организаторите и Самарас и Мицотакис“ од Нова демократија.

Грчката Влада нема намера да ја менува надворешната политика. Надворешната политика не се води со митинзи и владиниот план останува во сила, изјави претставник на Владата на Ципрас, веднаш по вчерашниот протест во Атина.

Оттаму коментираат дека „водечки критериуми на владата се патриотскиот интерес, умереноста, внимателноста и упорноста за чисти позиции со цел соработка, согласност и развој. Грчката влада, цврсто ќе ја задржи оваа позиција, со патриотска одговорност затоа што, секоја друга, може да заврши само со национални порази“.

Коалицискиот партнер во грчката Влада и министер за одбрана, Панос Каменос, кој од првиот момент го поддржа протестот, има поинаков став. На твитер тој искоментира дека „собирот бил душата на Грците“.

– Единството на Грците не може да го оцрнат радикални гласови. Протестот беше душата на Грците, независно од партиите и никој не може да не го почитува, напиша Каменос на Твитер.

Како што вчера објави МИА, протестот преку твитер го коментираше и шефот на грчката дипломатија. На неговиот профил напиша дека „рејтинг агенциите добија демант“ и упати критики до опозициската Нова демократија.

„Продолжувам, со мирна совест и одговорност, да преговарам за доброто на татковината“, напиша Никос Коѕијас на Твитер, пренесе вчера МИА.

Од опозициската Нова демократија, пак, велат дека стотици илјади граѓани ја изразиле националната гордост без протестот да има партиска обоеност, ја изразиле и нивната загриженост, но и нивната недоверба во грчката влада.

– Очигледно е дека Грците немаат доверба во господинот Ципрас, во господинот Каменос и во господинот Коѕијас, да преговараат за било што. Уште помалку за едно важно национално прашање, вели претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.