Ципрас: Грција столб на стабилност во поширокиот регион

За економското закрепнување и надградувањето на геополитичката улога на Грција, говореше грчкиот премиер Алексис Ципрас во неговото обраќање на почетокот на Евроарапскиот самит што од денес се одржува во Атина.

-Грција ја надградува нејзината геополитичка улога како столб на мирот и стабилноста во клучен регион, на точката што ги спојува трите континенти, рече Ципрас, споменувајќи примери од грчката надворешна политика, меѓу кои и европската иднина на Македонија и Грција. Објасни дека улогата на земјата се надградува и “отклучувајќи ја европската перспектива на Западен Балкан преку Договорот од Преспа со ПЈРМ или со преговорите за решавање на разликите со соседна Албанија”.

Грчкиот премиер ги спомена и мултилатералните состаноци со земјите од Балканот.

Ципрас рече дека пред 3 години, кога за прв пат се одржа Евроарапскиот самит, Грција почнала да ја поставува основата за нејзиното економско закрепнување и за обновување на нејзината геополитичка улога во поширокиот регион.

-Освен за надградената улога на Грција, пред 3 години, не бевме свесни, ниту колку важен ќе биде евро-арапскиот дијалог, пошироко за регионот и особено за ЕУ. Не ја знаевме големината на бегалската криза или големите бебзбедносни предизвици со кои се соочивме, рече Ципрас.

Од Евроарапскиот самит упати порака ЕУ треба да поддржи брзо одново започнување на разговори за решавање на палестинското прашање, “со цел праведно решение врз база на две држави кои безбедно ќе коегзистираат. Со основање една независна одржлива палестинска држава врз основа на границите од 1967 и со главен град Источен Ерусалим”.