Ципрас: Грција првпат искрено се залага за решение на името

Грција по прв пат на толку решителен начин се обидува да најде заемено прифатливо решение за прашањето за името со гаранции дека ќе има конечно решение, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас по средбата со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ципрас на прес-конференцијата во премиерската палата, рече дека со Јункер не разговарале само за економијата туку и за регионалните и меѓународните случувања, но и за Западен Балкан.

Говорејќи за улогата на Грција во ЕУ и регионот, грчкиот премиер рече дека земјата покажа во последните години дека треба да игра централна улога во обидот Европската унија во иднина да ја надгради нејзината меѓународна и регионална улога како сила на мир, стабилност и безбедност.

Грција, според Ципрас, ова го покажала преку справувањето со бегалскиот проблем и провокациите од Турција во Егејското море, со обидите за решавање на кипарското прашање, со градењето иницијативи во регионот за европската перспектива на Западен Балкан, но и со напорите за решавање на спорот со името.

– Ова го покажуваме обидувајќи се, по прв пат, на толку решителен начин да најдеме заемно прифатливо решение во прашањето со името на поранешната југословенска Република Македонија со гаранции дека ова прашање ќе има конечно решение, рече грчкиот премиер.

Претседателот на Европската комисија се задржа на економијата во кусата изјава на прес-конференцијата, велејќи дека е топло и многу се поти и остави она што има да го каже, да го каже во обраќањето во грчкиот Парламент.