„Цивил“: „Гласај на гробишта“, му сугерирал набљудувач на гласач

Почетокот на референдумското изјаснување во Република Македонија, според набљудувачите на „Цивил“ (307), помина со помали технички проблеми.

Во општина Петровец, на неколку избирачки места забележано е дека не работат УВ-ламбите. Во извештаите од набљудувањето до 10 часот, во неколку скопски општини се нотира доцнење на отворањето на избирачките места. Оние избирачки места каде што доцнењето е подолго од 15 минути, избирачките одбори имаат обврска за исто толку време да го продолжат гласањето на тоа место. Видливи се трагите од кршењето на изборниот молк во голем број општини низ целата земја. Некои графити се и на самите училишни згради каде што се одвива гласањето, како што е случајот во Јегуновце и Петровец. Набљудувачи на „Цивил“ од општина Бутел лично сведочеле на неумесно однесување на акредитиран набљудувач од една невладина организација. Според извештајот, се работи за ситуација во која еден повозрасен гласач љубезно прашал каде се наоѓа одредено избирачко место. Одговорот на набљудувачот бил „Оди прашај си го Заев каде е тоа… Гласај на гробишта…“, а потоа уследиле непристојни зборови.

„Цивил“ соопшти дека располага со детални податоци за бројот на избирачкото место и за името на набљудувачот. Набљудувачите на ЦИВИЛ, од балконот на зграда спроти основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга, виделе три лица, чии податоци се познати на „Цивил“ дека ги фотографираат сите гласачи што одат на гласање во избирачките места во тоа училиште. Во ОУ „Толи Зордумис“ во Куманово, на ИМ 955 еден брачен пар не бил на Избирачкиот список, па ги препратиле во ИМ 955/1, каде што го пронашле само сопругот, додека сопругата не била во можност да си го оствари правото на глас, бидејќи ја немало ни таму. На истото ИМ 955, при кинење на ливчето, тоа се скинало каде што бил ставен печатот. Ливчето го залепиле со самолеплива лента и му било дадено на гласачот. На овој начин е нарушена тајноста на гласањето, бидејќи сите од комисијата, при пребројување на гласовите, ќе знаат како гласал граѓанинот. Двајца гласачи нема на Избирачкиот список ни во ИМ 2843, општина Центар.

На Фејсбук профилот „Бојкотирај референдум“ има пост на кој пишува: „Сликајте ги и снимајте ги изродите на македонскиот народ што ќе излезат да гласаат утре! По референдум „почесто“ ќе ги објавуваме.“ Овој пост има околу 80 споделувања, но речиси сите кои го споделиле статусот се луѓе од други земји или се лажни профили, соопшти „Цивил“. Во ОУ „Адем Јашари“ во општина Чаир на избирачко место 2879 едно лице си направило селфи како го става гласачкото ливче во кутија за гласање. Било предупредено од член на избирачка комисија.

„Цивил“ ги повика граѓанките и граѓаните да пријават поткуп, притисоци и закани на онлајн пријавата на веб страницата Слободни избори или на телефоните: 02 / 5209 176, 070 / 461 480. Тимот за анализи и координација на „Цивил“ отвори прес центар во 6 часот утрово и ќе биде отворен до полноќ.