Центарот на Скопје утре еден час ќе нема струја

Утре половина Скопје ќе остане еден час без струја во знак на поддршка на најголемата светска еколошка акција „Часот на планетата Земја“. Струјата ќе се исклучи во 20.30 часот по локално време, а истовремено во мрак ќе потонат делови од над 180 земји и 7000 града ширум светот.

Во централното градско подрачје, со поддршка од Град Скопје, во мрак ќе потонат Плоштад „Македонија“ и спомениците, Порта „Македонија“, Улица „Македонинја“, Камениот мост, Скопската тврдина, Македонскиот народен театар, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, објектот на АЕК, Колонада, Јавното обвинителство, зградата на МНР, плоштадот „Мајка Тереза“ и „Филип Втори“, Мостот „Око“ и Мостот на уметноста.

Свое учество најавија и скопските општини Аеродром, Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба и Центар, но и трговските центри „Капитол мол“ и „Скопје сити мол“.

Во акцијата, која годинава се одржува под мотото „Поврзи се со планетата“, ќе се вклучи и Охрид. Таму во мрак ќе потонат црквата „Свети Јован Канео“ и Самуиловите тврдини, а ќе се исклучат и голем број на локации во Струмица, Крушево, Битола, Ресен, Ранковце, Демир Хисар, Берово, Крива Паланка, Гостивар.

Централниот настан и оваа година ќе биде на плоштад „Македонија“, каде волонтерите на Црвениот крст, со петстотини свеќи ќе го испишат логотот на акцијата. Во рамки на акцијата, утре под мотото „Дрвца за планетата Земја“ ќе бидат засадени илјадници дрва во скоро сите локации кои истата вечер ќе потонат во мрак за Часот на планетата Земја. Освен во централното градско подрачје, илјадници дрва ќе бидат засадени и во Куманово, Велес и Радовиш.

Со симболичното исклучување на струјата ќе се прати порака за спас на планетата Земја, а идејата е заеднички да влијаеме да ги промениме климатските промени, но и да ги освестиме луѓето за проблемот поврзан со намалување на биодиверзитетот.