Целосна заштита на „Чифте-амам“ по штетите од ланските поплави

Вкупно 91.000 американски долари од Амбасадата на САД во Скопје ѝ се доделени во форма на грант на Националната галерија на Македонија. Парите, добиени преку „Амбасадорскиот фонд на САД“, ќе се искористат за санација на оштетувањата од влага, заштита од продор на атмосферска вода, заштита од УВ-зрачење и оградување на културното добро на Чифте амам“.

Директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, рече дека добивањето на овој грант е најголемо достигнување во менаџерската практика за обезбедување небуџетски пари.

„Реализацијата веќе започна во јуни годинава, а се планира да заврши на крајот од 2019 година. Предвиден е временски рок од 18 месеци работа. Ќе се одвива во повеќе фази со финансиска партиципација на Министерството за култура во рамките на инвестициски проекти од буџетот на Министерството за годинава, во износ од 2 милиони денари и со помош на средства од доделениот грант“, информираше Старова-Ќерими.
„Чифте амам“, објект кој претставува културно наследство под заштита на државата, во невремето во јуни 2017 година беше доведен во исклучителна опасност. Со реализацијата на најавениот проект целосно ќе биде заштитен.

„Во случајот со објектот ‘Чифте-амам’, говориме за движно и недвижно културно наследство, недвижното културно наследство од исклучително значење е секако самиот објект ‘Чифте-амам’ како објект на културата заштитен со закон, а во него се наоѓаат депоа во кои се чува и движно културно наследство од исклучително значење, односно колекцијата на најстарите мајстори и дела од бившите југословенски простори и колекцијата на скулптури“, вели Старова-Ќерими.

Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, рече дека грантот се доделува за заштита на еден историски објект што се наоѓа во срцето на Старата чаршија и посочи дека ова е трет проект што Амбасадата на САД го потпишува во Старата чаршија.

„Во изминатите години САД поддржаа неколку други важни културни реставрации вклучувајќи ги ‘Даут-пашиниот амам’, црквата ‘Свети Спас’, и ‘Сули-ан’. ‘Амбасадорскиот фонд на САД’ е наменет за проекти, при што од целиот свет пристигнуваат предлози за проекти за кои одлучуваат експерти во Вашингтон. И, да бидам искрен, реткост е да се види толку многу проекти да се реализираат на едно место, кои се завет за културната вредност на Старата чаршија, не само за Македонија, туку и за светот“, рече Бејли и додаде дека овој проект е вистинско партнерство меѓу Македонија и САД и дека американската влада ќе продолжи да поддржува културното наследство на земјата.

Со поддршка на Министерството за култура одобрени се пари за промена на постојното, а веќе е инсталирано и ново галериско осветлување со најнова технологија, економски оправдана, со мала потрошувачка на електрична енергија, технологија која е „пријателска“ за изложените артефакти без штетни влијанија. За оваа инвестиција беа одвоени 1 милион и 600 илјади денари.

Министерот за култура Асаф Адеми рече дека продолжуваат заложбите да се обезбеди долгорочност на овој репрезентативен споменик на културата, кој е дел од Националната галерија на Македонија.

„Секој град има свои белези, своја историја и објекти што некогаш биле дел од нечие минато, а денеска се културно-историски споменици ставени под заштита на државата. Времето на амамите е одамна изминато, но сè уште се восхитуваме на убавината на објектите. ‘Чифте-амам’ е место каде што се чувствуваат сите пори на едно минато време, кога бил изграден како завештание на Иса-бег. Ова значајно културно наследство беше доведено во опасност лани од поплавите и убеден сум дека со овој грант целосно ќе се реализира заштитата на објектот со што ќе му се врати неговиот полн сјај“, рече Адеми.
Ивана Настеска