Царовска: Закон ги даде резултатите, 88.000 граѓани добија 12.000 денари плата

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска смета дека иако повеќе фактори влијаат на покачувањето на просечната плата во Македонија, сепак големо влијание има и покачувањето на минималната плата.

– За да растат просечните плати во Македонија влијаат повеќе фактори. Но, секако дека минималната плата и Законот го дадоа резултатот. Јас излегов и со статистиката која што ја извади УЈП дека 88.000 граѓани за разлика од август, во септември добија 12.000 денари плата и тоа ги турна платите нагоре – рече Царовска.

Додаде дека тоа е развојот што го најавувале пред да влезат во владата, а го имплементираат сега како власт.

– Сметам дека и наредната година ќе продолжиме затоа што е важно економијата да се поттурне за конечно да имаме и повеќе можност да инвестираме во социјалната заштита, рече министерката, одговарајќи на новинарско прашање на хуманитарниот базар за поддршка на СОС Детско село.

Вчера, Државниот завод за статистика објави дека просечната исплатена нето-плата во октомври изнесува 23.356 денари и е зголемена за четири проценти во споредба со октомври минатата година.