Хуманите граѓани дале милион евра за болните

Нешто повеќе од еден милион евра се исплатени од двата мобилни оператора „Македонски телеком“ и Оне.Вип за период од три години на лица што отвориле донациски броеви за да соберат пари да се лекуваат, претежно во странство.

Само во Фондацијата Телеком за Македонија по оваа основа за три години се собрале 561.580 евра. Со сумите од Оне.Вип за 2017, 2016 и 2015 година, вкупната цифра е околу 1,05 милион евра. Просечно годишно хуманите граѓани одвојуваат по околу 330.000 евра за лекување свои сограѓани кои бараат помош да го сочуваат здравјето.

Анализата на „Независен весник“, со податоци од ФЗОМ и од телефонските оператори, покажува дека од година во година Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) одвојува сѐ поголеми суми за лекување македонски осигуреници надвор од државата. Или околу 7 милиони евра во 2016 година, околу 5 милиони евра во 2015-та и околу 2,5 милиони евра во 2014 година. Во исто време, растат и сумите собрани на броевите за донации (табела 1 и табела 2). Дополнителни се трансакциските сметки во кои увид има само оној на чие име гласат.

Дали се зголемува потребата од лекување надвор од државата, хуманоста доживува процут, или граѓаните избираат пократок пат, па ги заобиколуваат институциите и бараат чаре на друг начин, особено кога станува збор за деца? 

Владимир Лазаревиќ, експерт по јавно здравје и здравствени политики, смета дека нема доволно податоци за да се оцени политиката на државата во делот на одобрување на лекувања во странство.

– Тоа што го знаеме е дека постојат правила, но постојат и исклучоци од тие правила. Со други зборови, во изминатите десетина, а и повеќе години, имало многу случаи кои добиле приоритет на сметка на други кои биле оневозможени. Денес се зборува дека буџетот на ФЗОМ за лекување во странство е зголемен, но тоа не е индикатор за успех, туку показател на неуспех на нашиот систем да ги обезбеди потребните услуги дома – изјави Лазаревиќ.

Тој е со став дека треба да се воведе нов систем што ќе постави јасни приоритети и ќе ја зголеми транспарентноста кон јавноста.

Во моментов, во Фондацијата Телеком за Македонија  има 24 активни броеви за донации за физички лица. Осум од нив се за помлади од 18 години. Во Оне.Вип во моментов има седум донациски линии за лица под 18 години.

Највисоки суми што се исплатени и од двата мобилни оператора сепак се за донации на Црвениот крст, за ланските поплави во Скопско (над 117.000 евра од Оне.Вип и околу 100.000 евра од Фондацијата Телеком за Македонија.

Јоце Блажевски седум години се лекува со донациски броеви

Јас сум Сузана, сестра на Јоце, на еден борец со церебралната парализа, кој веќе после многу години ја победува болеста и тоа со третманите на матични клетки во Русија, и секако многу напорни секојдневни вежби и тренинзи.

Како стигнавме дотука кога ФЗО не ги покриваше овие лекувања бидејќи матичните клетки сѐ уште се за нас пробна медицина? Со многу верба и многу љубов и огромна помош од нашиот прекрасен народ. Тешко беше и сѐ уште е тешко бидејќи ова се седум цели години и големи суми во прашање. Правевме хуманитарни свирки, базари, баравме донации по фирми, банки, познајници, другари, хуманитарни броеви…

Да ги имавме претходно и да не мораше да собираме денар по денар на сто разни начини, брат ми порано ќе имаше успеси какви што има сега и можеби многу порано ќе почнеше да оди со одалка. Порано ќе завршеше целиот етапен третман, бидејќи навреме ќе стигнуваше на третманите и немаше да ги одложуваме постојано поради недостиг на финансии.

Вака станавме многу посилни и посплотени, и издржливи како луѓе и како семејство, со висок праг на трпение и толеранција, побогати со многу пријатели што постојано се покрај нас. А, нели, кога човек е богат со пријатели и опкружен со добри луѓе, нема стравови дали ќе истрае во борбата, оти кога паѓаме, секогаш доаѓа некој да нѐ крене. Без пријателите и добрите луѓе, никогаш немаше да стигнеме дотука.

Владимир Лазаревиќ: Популизмот ги поттикна семејствата да бараат донации

Како го толкувате напливот на барања за донации за лекувања, и каде ја гледате причината за тоа?

– ФЗОМ нема можност да излезе во пресрет на сите барања за лекување во странство. Нема тука ништо невообичаено. Во изминатите години имавме повеќе случаи на масовни акции за собирање донации за лекување во странство. Да ве потсетам на една акција во која целата Влада беше ангажирана и на телевизија, министрите креваа телефони додека граѓаните им поставуваа прашања. За мене таа акција беше и остана пример на популизам и неправичност. Зошто? Од причини што тоа веќе никогаш не беше повторено и секое наредно семејство што имало потреба не можело да собере средства на таков начин. Кога станува збор за распределба на средства за да бидете правични, треба да сте конзистентни во одлуките. Овој популизам резултираше со тоа многу повеќе семејства да бараат донации. Некои имаат можност да ги пренесат своите барања јавно и јавноста да се поистовети со нив, додека други немаат или не сакаат. И тука пак се поставува прашањето за тоа колку правично општество сакаме да градиме и кој има поголеми приоритети, младите или старите, или се сите еднакви.

Сунчица Стојановска Зоксимовска

 

1. Фондација Телеком за Македонија 

Година                                   Донации за физички лица                    Донирани средства

2016                                   51 лице                                                                      12.743.500

2015                                   49 лица                                                                      14.209.900

2014                                    51 лице                                                                      7.583.800

 

 

2. Мобилен оператор Оне.Вип

Година                              Донации за физички лица                  Донирани средства

2017                                         55 лица                                                        13.622.149

2016                                         55 лица                                                       10.813.690

2015                                      52 лица                                                        6.382.302

 

 

3. Фонд за здравствено осигурување

Година                        Број на случаи лекувани во странство                   Вкупен износ

2016                                                 209                                                                                  472.231.276

2015                                                 157                                                                                   306.832.000

2014                                                 123                                                                                  163.682.059

 

4.Годишен извештај на ФЗОМ за 2016 година

Барања за лекувања во странство                      2016                    2015                   2014

Вкупно барања                                                         353                       302                    296

Извршени лекувања                                               209                       157                    123

Одбиени барања                                                       88                         106                     142