Хрватска со тешки маки против Белорусија

Домаќинот Хрватска се намачи против Белорусија со 25-23 на стартот од втората фаза од натпреварувањето на Европското првенство во ракомет. Со оваа победа, „коцкестите“ ги задржуваат шансите за пласман во полуфиналето, иако за тоа ќе им бидат потребни победи против Норвешка во сабота и Франција во среда. По поразот од Шведска во сплитската „Спаладиум“, спласна еуфоријата во Хрватска, па така денешниот натпревар го следеа околу десет илјади гледачи и ни приближно не беше исполнет капацитетот на загрепска „Арена“ од 16.000 гледачи. Во последната минута од мечот, резултатот беше нерешен, но „вардарецот“ Циндриќ им донесе предност на домаќините, а потоа во последната секунда, Копљар стави печат на победата.