Хрватска на нозе по информациите за отворање радиостаница со српска турбофолк-музика

Од моментот кога хрватските медиуми објавија дека во Загреб ќе биде отворена радиостаница која ќе емитува новокомпонирана српска музика, реакциите не стивнуваат.

Имено, во хрватската јавност со денови се полемизира за тоа дали навистина е потребно да се отвори радиостаница која ќе емитува српска турбофолк-музика или „чајка“ (навредлив хрватскиот збор за српската новокомпонирана музика), иако во многу текстови се признава дека Хрватите уживаат во музиката од „другата страна на Дрина“.

Горан Војковиќ во една статија за хрватскиот порталот „Индекс“ пишува: „Ако во нешто Србија успеа да ја победи Хрватска – тоа е музиката“. Како што е наведено, човекот што сака да ја отвори радиостаницата открива уште еден сегмент во кој Хрватите се максимално лицемерни – во јавност сите се грижат случајно да не изговорат српскиот збор, или некој да не каже „мај“ наместо „свибањ“, но кога ќе падне ноќта и кога ќе стапи на сцена алкохолот – се пее и се игра на мелосот на кој Хрватите некогаш се потсмеваа.

„Индекс“, исто така, објави истражување за тоа кој најмногу слуша народната музика во Хрватска. Според резултатите од истражувањето, тоа се верниците и хомофобите.