Хрватите ја смируваат еуфоријата: Нема да се прошетаме до златото

Златан Сарачевиќ ја смирува атмосферата во хрватската јавност по убедливиот триумф (29:22) на коцкестите“ над Исланд на Европското ракометно првенство. Асистентот на Лино Червар во придружба на Игор Карачиќ и Марко Мамиќ пред новинарите ја истакнаа одличната поддршка од трибините во Спаладиум арена“, но и најважно – мечот од последното трето коло во кој домаќинот на турнирот ќе треба да стави печат на пласманот во наредната фаза. Мечот против Шведска се игра вечерва со почеток од 20.30 часот.

„Зад нас се два меча што сакаме да ги тргнеме од глава. Се подготвуваме за Шведска бидејќи сакаме да одиме во Загреб со максимални четири бода. Знаеме дека нè очекуваат се потешки натпревари како ќе одминува првенството. Без оглед на поразот на Шведска од Исланѓаните, сепак, сметам дека е подобра од нив. Швеѓаните на мундијалот во Франција играа еден од најдопадливите ракомети и несреќно налетаа на триколорите“ во четврт-финале. Лошо почнаа на овој турнир, но играат исклучително добро и имаат извонредна транзиција“, истакна Сарачевиќ.

На него се надоврза и вардарецот Игор Карачиќ кој одлично ги координира хрватските редови против Исланд заедно со Лука Циндриќ.

„Имаме голем ростер и важни играчи на надворешни позиции. Пред шампионатот ја гледав Шведска како кандидат за медал, па затоа и малото изненадување што го приредија против Исланд. Ја сакам нивната брза игра и добра транзиција. Сакаме да пренесеме четири бода во Загреб и затоа максимално сериозно ќе пристапиме на средбата“, коментира Карачиќ.