Хоти: Тачи ги потхранува српските надежи за поделба на Косово


Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Авдулах Хоти изјави дека идејата на претседателот Хашим Тачи за корекција на границите им оди во прилог на српските претставници кои водат политика на одбојност кон косовските институции и ги потхранува нивните надежи дека Косово може да се подели.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Хоти денеска го повтори барањето за предвремени избори и порача дека „новата влада ќе ја елиминира политичката несигурност“ која ја предизвика предлогот на претседателот за корекција на границите.

– Контроверзната идеја на претседателот за корекција на границите суштински им наштети на дамнешните напори, наши и на меѓународната заедница, за создавање поволни околности за српската заедница да стане активен и рамноправен дел од институционалниот живот во Косово, напиша Хоти на Фејсбук.

Тој оцени дека овој предлог на Тачи ги охрабрува оние српски сили кои се залагаат за поделба на Косово и обединување на негови делови со Србија.

– Толку години напори, инвестиции и работа од наша страна и од нашите меѓународни пријатели сега се уриваат од претседателот на државата, кој фактички треба да биде чувар на уставниот поредок и да се спротивставува на таквите противуставни идеи, напиша шефот на пратничката група на ЛДК.

Според него, новите избори ќе произведат легитимна влада и собрание, кои „ќе ја земат во свои раце судбината на државата и нема да му дозволат на претседателот да се пазари со државноста на Косово“.

– Новата влада ќе ја елиминира политичката несигурност која го зафати Косово и ги дезориентира нашите меѓународни пријатели во врска со тоа што сакаат граѓаните на Косово, порача Хоти, додавајќи дека на Косово му треба демократија, развој во нејзината територијална целовитост, интеграција во Европската унија и НАТО и трајно пријателство со САД.