Хоророт во Индонезија не е завршен: Земјотрес од 5 степени на Суматра

За помалку од 24 часа откако земјата ја погоди цунами и однесе стотици животи, се случи и земјотрес.

Според Рихтеровата скала, земјотресот изнесувал 5 степени и го погоди западниот дел на Суматра, соопштија Агенцијата за геолошки истражувања.

Земјотресот се случил во 15:03 часот по средноевропско време на оддалеченост од 26 километри југозападно од градот Тикуа.

Населението стравува дека може да ги погоди уште едно цунами, како последица на земјотресот.

Како што соопшти портпаролот на индонезиската Агенција за справување со елементарни непогоди, Сутопо Пурво Нигрохо, во цунамито загинаа 222 лица, 843 се повредени, а 28 се водат како исчезнати.

Тој нагласи дека се стравува оти билансот на жртвите ќе се зголеми во следните часови, бидејќи постојано пристигнуваат информации за нови жртви од погодените реони.

Нигрохо утрово информира дека најтешко е погодена провинцијата Бантен, од каде потекнуваат повеќе од половина од загинатите.

Локалните власти соопштија дека при налетот на цунамито се разрушени стотици домови и други објекти.

Цунамито откорнало и голем број дрва кои ги блокираа патиштата, што го отежува пристапот на спасувачките екипи до настраданите.