Хит-дуо на Јутјуб: Васил и Иван по патот на Тоше

Васил и Иван, основци од Скопје се хит-дуо на Јутјуб. На свој начин, ги изведуваат хитовите на прерано починатата ѕвезда Тоше Проески. Fakulteti.mk. ги претстави шармантните и срамежливи вљубеници во музиката, кои сонуваат еден ден да имаат свој бенд .

“ Никој не може да биде како Тоше, ние се трудиме да го следиме неговиот пат, велат во еден глас.

Двајцата живеат за и со музиката. Васил Ангелов е деветто одделение во ОУ „Невена Георгиева – Дуња“ и има ангелски глас. Иван Митковски е една година помал и учи во „Дане Крапчев“. Нив ги споија музиката и ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Се дружат веќе две години, а од пред една и свират заедно. Васил за Fakulteti.mk откри дека со Иван се зближиле играјќи ја Counter-Strike.

“Почнавме да ја играме мрежно. Тоа нè зближи. Еден ден Иван ја зеде гитарата, дојде кај мене и така почнавме. Имаме исти вкусови за музика, а и за девојчиња. И двајцата имаме ист темперамент. По малку сме тврдоглави, вели Васил.

Во Основното музичко заедно учат солфеж и теорија на музиката. Васил ги изучува тајните на соло-пеењето кај сопранот Александра Коцевска.

“Го забележав Васил дека, како и сите други деца, се зафркава на час, не прави нешто сериозно и лесно се здруживме. Тоа што Васил е една година пред мене ќе биде добро и за мене, оти ќе има кој да ми дава тестови, се шегува Иван.

Васил изучува ударни инструменти, додека Иван – гитара. Ама многу добро се надополнуваат меѓусебно и се подучуваат еден со друг.Најчесто свират кај Васил дома, за викенд, зашто тој има домашно направено студио. Татко му на Васил, Здравко Ангелов, е долгогодишен кларинетист во Македонската филхармонија.

“Боже чувај ја од зло“ од Тоше Проески им беше прво заедничко видео. Не ја кријат љубовта кон музиката на Тоше, а и гласот на Васил многу потсетува на големиот уметник.

“ Моето мислење е дека никој не може да се рамни со Тоше. Нема да се роди уште еден таков човек. Никој не може да биде како Тоше. Ние учиме како да го следиме неговиот пат. Тој ни е идол, вели Васил.

Иван додава: “Се трудиме да не се заборави тој, а и неговата музика.

Освен Проески, многу ги сакаат и песните на Влатко Лозановски, а од поновите пејачи ги слушаат и Антонија Гиговска, Александра Јаневска и др. Ги обожуваат Шон Мендес и Ед Ширан.