Хераклеја доби трајна заштита


Археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, во јуни Владата на РМ го прогласи  за културно наследство од особено значење, во поткатегорија „големо значење“. Со ова Хераклеја доби трајна заштита за идните генерации, рекоа денес  екпертите од Управата за заштита на културното наследство и Завод и Музеј од Битола на трибината насловена „ Грижата за Хераклеја Линкестис денес, гаранција за утре.

– Со добивањето на статусот за споменична целина од особено значење со подкатегорија големо значење, Хераклеја добива трајна заштита за идните поколенија. Во рамките на средствата се вршат истражувања, меѓутоа многу значаен сегмент при овие истражувања е и конзервацијата на веќе откриени објекти“, рече археологот Аница Ѓоргиевска.

-Бесправните објекти во иднина ќе бидат максимално лимитирани. Оние кои се веќе подигнати ќе бидат предмет на разгледување, некои можеби и ќе добијат одобренија за легализација, но некои можеби не , се зависи од местоположбата, близината на границите на споменичната целина и други фактори. Земјоделието ќе остане такво какво што е, засега не се забележани некои длабоки копања. Во земјоделското земјиште ќе остане дозволено до 40 сантиметри обработка на земјиштето“, рече Данче Голубовска од Управа за заштита на културното наследство.

Голубовска вели дека станува збор на посеопфатен режим на заштита кој што ќе ги содржи сите елементи кои што не се дозволени , но и они кои што се дозволени со некаков исклучок. Затоа вели е важно населението и надлежните служби да се запознаени со тој режим и што се бара од истиот

Грижата за Хераклеја Линкестис е константна и зависи од финансиските средства кои што државата може да ги дозволи.

-Со новиот Закон за заштита на спомениците на културата и со Законот за ревалоризација на веќе постоечките споменици на културата, Хераклеја Линкестис како категорија на вредно културно наследство си го најде своето место во државата и државата се обврзува да поведе посебна сметка за овој локалитет“, рече археологот Енгин Насух.

Трибината е дел од прославата на Европските денови на културното наследство.

„Нашата институција во прославата на овие денови се вклучува во поголем број на манифестации од кои дел е и денешната тринина. Таа е посветена на пошироката јавност и на запознавањето на што тоа подразбира режимот на заштита на самиот локалитет и е од интерес на сите граѓани“, рече Мери Стојанова, директор на НУ Завод и музеј-Битола.

Ова е прв локалитет во Македонија каде е извршена ревалоризација на споменичната целина, а сега спроведена е и неговата категоризација, согласно Законот за заштита на културното наследство, со што локалитетот и неговото пошироко опкружување добиваат повисок режим на заштита.