Харадинај: УНМИК нема веќе што да бара во Косово

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави денеска дека мисијата на Обединетите нации УНМИК треба да си замине од Косово бидејќи, според него, таа нема веќе што да бара во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Изјавата Харадинај ја даде на трибина за трансформацијата на Безбедносните сили (ФСК) во војска на Косово во Американскиот универзитет во Приштина, одговарајќи на прашање за писмото на досегашната амбасадорка на САД во ОН Ники Хејли, со кое се бара од генералниот секретар на светската организација Антонио Гутереш повлекување на УНМИК од Косово.

Хејли го прати писмото до Гутереш на 9 октомври, истиот ден кога објави дека се повлекува од функцијата амбасадор на САД во Обединетите Нации.

– Со години мисијата на ООН во Косово беше пример на успешна мисија која решава комплексни конфликти. Успехот на Косово, одбележан на десеттата годишнина од прогласувањето на независноста треба да биде повод за прослава и симбол на еден голем придонес од страна на ООН во зачувувањето на мирот и стабилноста во Европа, напиша Хејли, оценувајќи дека УНМИК веќе ја заврши својата успешна мисија во Косово.

На ова барање остро се спротивставува официјален Белград.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ по повод писмото на Хејли рече дека „САД можат да пишуваат писма колку сакаат“, но дека промената на мандатот на мисијата на ОН „не може да се направи без согласност на Советот за Безбедност на ООН“.