Харадинај: Таксата на производите од Србија нема да се укине


Косовскиот премиер Рамуш Харадинај и порача на својата српска колешка Ана Брнабиќ дека се додека Србија продолжува да работи против Косово, таксата од 100 отсто на увозот на српски производи нема да се укине, јави дописникот на МИА од Приштина.

Српската премиерка изјави за РТС дека Белград ќе биде подготвен да го продолжи дијалогот со Приштина само откако Владата на Харадинај ќе ја повлече спорната одлука.

Косовскиот премиер го коментира и писмото со кое Брнабиќ го повика албанскиот премиер Еди Рама да го преиспита признавањето на Косово, нарекувајќи го „бесрамно“ барање.

– Вие гледате дека српската премиерка Брнабиќ продолжува со писма до разни влади и не се срами да му пишува и на Еди Рама и да бара од него повлекување на признавањето. Затоа, се додека Србија има таков пристап, многу лесно може да се разбере зошто ние сме постапиле така, изјави Харадинај.

Косовскиот премиер изјавата за новинари ја даде за време на денешната посета на штандот на организацијата „Аутизмот говори“ во центарот на Приштина.