Харадинај: Со Могерини како посредник, ЕУ не е неутрална во преговорите меѓу Косово и Србија
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај одговори денеска на вчерашното писмо од Брисел, обвинувајќи ја експлицитно високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини дека, како посредник во преговорите меѓу Косово и Србија, со нејзината едностраност, го попречува постигнувањето договор за нормализација на односите меѓу двете земји.
Харадинај, во писмото што го објави порталот „Газета Експрес“, а кое е адресирано до потписниците на вчерашното писмо од ЕУ – Могерини, комесарката за трговија Сесилија Малстром и комесарот за проширување Јоханес Хан – на шефицата на дипломатијата на ЕУ и порачува дека за Приштина е „длабоко навредливо“ тоа што однесувањето на Србија кон Косово од нејзина страна е оквалификувано како „трговска провокација во рамките на ЦЕФТА“.
– Ние сакаме да имаме што потесни односи со Европската унија. Сепак, под твое раководство, ЕУ престана да биде неутрална во своите договори со Косово и Србија. Однесувањата на Србија наспроти Косово, вклучително постојаното одбивање да се спроведат техничките договори од Брисел, не е само ингорирање на Косово, туку Србија се стекна и со финансиска поддршка, како и со отворање на нови поглавја, ѝ пишува Харадинај на Могерини.
Косовскиот премиер го затвора писмото со порака дека одлуката на Валадата за таксата од 100 отсто на производи од Србија останува непроменета, односно дека таа, како што има порано нагласено, ќе се укине откако Белград ќе престане со деструктивниот однос кон Република Косово и кога ќе ја признае нејзината независност.